Заштитата и посредувањето со авторските права во светски рамки е систем кој беспрекорно функционира, додека во Македонија се уште е процес кој ретко може да се види во пракса, реагира првиот човек на Асоцијацијата за заштита на авторски и сродни права, Кирил Ѓозев. Сето ова се должи на пролонгираниот процес за носење на Законот кој би го регулирал сето ова. Токму авторските права се многу важен сегмент во креативните индустрии и сите треба да бидат наградени за својот труд, додава тој.
Постои тарифник кој што ги помина сите процедури, во Министерството за култура и во Владата, недостасуваше комисија која што посредува со авторски и сродни права и во моментов таа е формирана и очекуваме во најбрз можен рок истата да се состане и да има на дневен ред одобрување и разгледување на тарифникот, изјави генерален секретар на АЗАС, Кирил Ѓозев.
Во Словенија како и во Македонија тргнавме од нула, вели Секуловиќ. Словенија сфати кој е придонесот од авторските права не само на национално ниво, туку колку е тоа важно за економијата.
Словенија во моментов во колективниот систем на авторски права годишно собира 29 милиони евра. Но сакам да нагласам често кога се посочува на Словенија или некои други држави дека тоа е некој друг брз свет, не е. Ние сме два милиона, вие сте два милиона. Можеби кај нас нештата се економски понапредни, но тоа не значи дека денес кога знаењето ни е на располагање, а тука сме да го споделиме знаењето, многу нешта може да се направат побрзо, поефикасно и што е важно со помал конфликт, изјави Никола Секуловиќ, „Коприва“ Словенија.
Законот е во собраниска процедура и треба што поскоро да се донесе, вели министерката Костадиновска – Стојчевска.
Законот беше повлечен, меѓутоа повторно е во собраниска процедура, за да се изгласа потребата од негово донесување по скратена постапка. Тоа е закон со европско знаменце, така што се надевам во најкус можен рок Комисијата за европски прашања ќе заседава, ќе закаже седница, ќе помине првото читање и понатаму ќе можеме да влеземе во материјална расправа затоа што овој закон треба што е можно поскоро да се донесе заради одредени рокови кои Министерството за култура ги има, вели министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска.
Со донесувањето на Законот за авторски и сродни права ќе се заштитат поголемиот дел македонски автори, продуценти и изведувачи, со што ќе се обезбеди транспарентно, брзо и ефикасно распределување на нивните колективни права, велат учесниците на Форумот на креативни индустрии.
Нина Стефанова