Крајниот збор за новата цена на струјата сепак ќе го има Регулаторна. Иако, вчера Бислимовски рече дека од сега Универзалниот снабдувач, во случајов ЕВН ХОУМ ќе ја одредува и соопштува цената на електричната енергија и не беше сигурен дали регуалторна ќе може да интервенира, неговиот колега министерот Бектеши појасни дека ингеренциите на ЕВН се повеќе технички. За тоа каква ќе биде новата цена без разлика на измените, на крајот повторно ќе пресече Регулаторна и за тоа ако треба за тоа писмено ќе го извести Бислимовски.
-Министерството за економија толкува дека крајниот збор ќе го има Регулаторната комисија и ако треба за тоа писмено ќе ја известиме Комисијата, вели министерот за економија Крешник Бектеши.
Бектеши се повика на измените во член 10 од Законот за енергетика, каде пишува дека Универзалниот снабдувач ја формира продажната цена на струјата, а РКЕ ќе врши надзор и ако цената не се во согласност со тарифниот систем, тогаш Комисијата ќе донесе одлука со која ќе му наложи на снабдувачот да ги усогласи.
И од ЕВН појаснуваат дека тие како компанија од РКЕ ќе ги добијат влезните параметри во цената, кои претходно ќе ги утврди регулаторот и врз основа на тоа ќе ја направи финалната пресметка.
Регулаторната комисија за енергетика треба да ги утврди цените и тарифите за пренос на електрична енергија, дистрибуција и за операторот на пазарот на електрична енергија како и веќе одредената и регулирана маржа на ЕВН Хоме.
Само тогаш ЕВН Хоме ќе може да ја направи финалната пресметка која ќе ја достави на понатамошна проверка кај Регулаторната комисија за енергетика, се вели во дописот на ЕВН ХОУМ.
Треба да биде објавен и повик за избор на нов Универзален снабдувач. Дали ќе остане ЕВН ХОУМ или пак ќе биде некој друг, ќе зависи од тоа кој каква маржа ќе понуди. Бектеши е убеден дека таа ќе биде пониска од сегашната.
-Моментално е 11 проценти таа од тендерот од пред 5 години. Јас сум убеден дека ќе биде овој пат под 11 проценти, додава Бектеши.
Сепак, какви ќе бидат сметките најмногу зависи од тоа по која цена ЕСМ ќе ја продава својата струја на Универзалниот снабдувач. Сега таа изнеусва 53 евра за мегават час, но дали може да оди подолу Бектеши не сакаше да коментира, иако тврди дека цената од први јанаури нема да се зголеми.
Ирена Чачкова