Министерот Бочварски стави потпис на документ за изградба на брза пруга Ниш- Скопје, долга над 150 километри. Тој заедно со неговиот колега министерот за транспорт и инфраструктура Весиќ, денеска во Белград со меморандум за соработка го отворија патот за овој проект, со кој до двата града планот е да се стигнува за два часа. Застанати еден до друг зборуваа за важноста на пругата. Планот е потоа да разговараат и со колегите од Грција, за продолжување на пругата и кон Солун, дестинација до која од тука одамна нема конекција, но нема и ниту една друга меѓународна линија.
И додека во Белград се разговара за брзи пруги и возоови кои ќе возат со 160 километри на час, тука надлежните прават напор што е можно поскоро да го санираат железничкиот мост долг 65 метри, поради кој неколку дена товарниот железнички сообраќај е во прекин, бизнисот број штети, а патниците останаа со само еден воз.
Иако првичните проценки беа мостот на Црна река да биде саниран за околу два месеци, анализите покажале дека состојбата е многу посериозна.
Македонската железница е во тотален колапс. Пругите се стари, локомотивите децениски. Линии секојдневно се укинуваат, машиновозачите постојано се на блокади, а финансиските проблеми големи. Единствениот воз пак кој им остана на граѓаните е оној од Скопје до Велес. Постојано се прави дотур на пари од буџетот за да може железница да преживее. Но, од долгогодишниот загубар, за кој никој до сега не најде решение, Бочварски очекува подобра услуга.
И додека се трасира патот за изградба на нова пруга од Ниш до Скопје, се уште се чека да се заврши онаа децениската, до Бугарија. Овој проект е ветуван во речиси сите изборни програми на сите влади, но никако да се види крајот. Од тука се поставува прашањето дали и пругата кон Србија ќе има слична судбина како онаа кон Софија, или пак 50 те километри од македонска страна ќе бидат многу побргу завршени .
Ирена Чачкова