Драган Станковски веќе педесет години има дијабет тип еден. Тој раскажува дека неговите маки со терапија почнуваат уште од раното детство, кога не постоела современа терапија за дијабетичари.
- Најтешките години беа во детската возраст кога немаше ваква терапија и бевме приморани да користиме свински и говетски инсулини. Тој тежок период беше во седумдесетите и осумдесетите години, вели Драган Станковски, претседател на здружение на дијабетичари „Сончева светлина“.
Сега иако постои терапија дијабетичарите не ја добиваат, раскажува Драган, кој пред камерите ги објасни проблемите со кои се соочува тој и останатите дијабетичари. За пример го посочи неговиот град Демир Хисар каде се потребни 116 глукомери, а имаат само 10, па бидејќи не знаеле на кого да му ги дадат одлучиле додека не стигнат количини за сите, глукомер да не добие никој.
- Оваа година за разлика од претходните е најтешка за нас дијабетичарите бидејќи недостатокот на глукомери и ленти предизвика на слепо да ставаме инсулин затоа што не знаеме колку ни е гликемијата ако немаме ленти да измериме, а со тоа не знаеме колку единици да ставиме, додаде Станковски.
Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека е свесен за проблемот, се правда дека терапија нема поради доцнење на тендери. Овој проблем со тендерите и буџетот, како што вели, го наследил, но најавува дека за две години ќе има системско решение за дијабетичарите.
- За да може секој дијабетичар да оди во аптека, а таму да има одреден фонд за глукомери и ленти. Кој ќе сака да избере друг бренд ќе си доплати. Дијабетичарите викаат дека тоа им е најдобра опција, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.
Од Сојузот на дијабетичари го прифаќаат новото системско решение и бараат побрзо да се реализира. Претседателот на сојузот Диме Велев вели дека недостигот на терапија оваа година изложи многу пациенти на срцеви и мозочни удари.
Инаку, децата со дијабет тип 1 и лицата со компликации вчера добија сензори за мерење на гликемијата, во пресрет на денешното одбележување на светскиот ден на дијабетичарите.
Тамара Марковска