Aвстрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг, заедно со групата „Пријатели на Западен Балкан“, покренаа иницијатива чија цел е да го намали влијанието на Кина и Русија во југоисточна Европа и поблиску да ги поврзе балканските земји со Европската Унија (ЕУ). Како што пренесе Бета, во нон-пејперот, кој денеска беше презентиран на состанокот на советот на министри на ЕУ, меѓу другото се бара земјите од Западен Балкан да учествуваат најмалку еднаш на секои шест месеци на тие состаноци на шефовите на ЕУ дипломатија.
„Бидејќи регионот е изложен на дестабилизирачки фактори, како што се малигното влијание на трети земји, хибридни закани, дезинформации и илегална миграција, оваа агенда, исто така, треба да даде нови импулси за соработка во заедничката надворешна и безбедносна политика и да воспостави редовна структурирана размена на ставови со нашите партнери во согласност со воспоставениот процес на еу и нејзината политика“, пишува во документот.
Во документот се предлага и учество на земјите од Западен Балкан на неформални состаноци на амбасадорите на ЕУ, покоординирани посети на регионот, како и усвојување на правила за заеднички речник кога станува збор за трети земји.
Шаленберг, на европскиот форум Вахау во јуни, ја претстави групата „Пријатели на Западен Балкан“, земји кои се за забрзување на пристапот на регионот во унијата и сакаат да ги приближат земјите од Западен Балкан до ЕУ уште пред вистинското членство.