Министерството за здравство на Газа по управа на Хамас соопшти дека 15 лица се убиени, додека 60 се ранети во израелски воздушен напад врз амбулантни возила кои се користеле за евакуација на ранети од опколената северна Газа.
Здравствените институции во градот наведуваат дека во возилата се наоѓале пациенти од болницата Ал Шифа. Израел ја презеде одговорноста за нападот и тврди дека во возилата се превезувале ранети милитанти од северот кон југот на енклавата.
Портпаролот на министерството за здравство во Газа, Ашраф ал Кидра изјави дека амбулантните возила биле дел од конвојот кој ја напуштал болницата Ал Шифа.
Генералниот секретар на Обединетите Нации (ОН), Антонио Гутереш рече дека е ужаснат од нападот на израелските сили врз конвојот на Итна помош во Појасот Газа.
„Ужаснат сум од пријавениот напад во Газа врз конвој на Итната помош пред болницата Ал Шифа. Фотографиите од расфрлани тела на улица пред болницата се ужасни“, наведе Гутереш во соопштението.