По втор пат Раде Трајковски Штекли успеа да спаси жива глава откако на истото место, во трговскиот центар Ист Гејт Мол во рок од неколку месеци беше извршен обид за негово убиство. Првиот пат во август помина без повреди благодарение на блиндираното возило и тоа што нападот се случи во гаражите на објектот. Вториот пат немаше толку среќа и пораката од македонското подземје ја прими во форма на два куршуми, кои не беа фатални.
Заканата за негова ликвидација беше навестена и јавно на социјалната мрежа ТикТок каде беше објавена фотографија од Штекли со заканувачка порака. Со што се отвори прашањето дали полицијата потфрли во спречувањето на вториот обид за убиство.
„А каков пропуст е тоа“ ги праша министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски новинарите, уверувајќи ги дека се работи за изолиран инцидент и дека статистиката ја покажува ефикасноста на МВР.
„Имаме потфрлање на полициските службени лица и на полицијата генерално со оглед дека сето тоа беше најавувано преку социјалните медиуми дека Штекли е таргетирана жртва на организираните криминални групи на кои што тој самиот им припаѓаше во делот на трговијата со наркотици каде што е донесена таа одлука во рамки на организираните криминални групи дека тоа лице ги загрозува нивните интереси“, вели поранешниот началник во МВР и помошник-директор на Криминалистичка полиција, Љубомир Ѓурчески.
Професорот Злате Димовски од Факултетот за безбедност има поинаков став.
„Полицијата реагира во ситуации кога има некој да пријави дека е загрозен. По социјалните мрежи не може да го следи за секого. Ако имал закани требало да пријави во полиција и да побара помош“, вели Злате Димовски, професор во Факултетот за безбедност.
Сепак на МВР притоа би требало да и е познато дека Штекли редовно ја посетува вежбалната во склоп на Ист Гејт Мол и на такви јавни места требало да се има предвид дека може да бидат загрозени и животите на останатите граѓани.
Раде Трајковски Штекли
Ривалството на Дуќанџиќ со Беланоца и Барон
Борбата за превласт меѓу криминалните групи на подрачјето на главниот град е особено изразена годинава, кога се случија неколку убиства. Некои и надвор од државата.
Во фокусот на пресметките во трговијата со трога се три групи- Дуќанџиќ против Беланоца и Барон. Ривалството се заостри со убиството на Јетон Кривањева – Жила и Енес Исеинов-Љаци од „Дуќанџик“, група која потекнува од Грчец. Нивниот живот заврши во март кога беа убиени во „Шиша бар“ под скопско Кале.
Осомничениот за нивното убиство, чаирчанецот Блерим Даци беше ставен во домашен притвор, но, додека судот да одлучи да го стави во притвор, тој избега во Косово. Неговото безживотно тело беше најдено во автомобил во Приштина во јуни. Даци наводно бил член на релативно поновата и помала скопска криминална банда позната како Барон која се здружила со кланот Беланоца од Ченто и Арачиново.
Набрзо потоа во екот на летната сезона во Ханиоти на Халкидики беше убиен и неформалниот водач на „Дуќанџик“, триесет и деветгодишниот Орхан Ибраими-Оки, кој го снајде иста судбина како неговиот пријател Кривањева.
„Можеме да кажеме дека овие пресметки сепак ги имаме во многу помал број од останатите држави со кои може да се споредуваме. Имаме криминални организации кои се пресметуваат. Видовме дека се пресметуваат и во други држави Меѓутоа не е еклатантно сето тоа. Очигледно дека самиот пазар и териториите добро си ги поделиле и ги немаат тие должничко доверителски односи кои што можеби дополнително би дале мотив за да се случуваат овие пресметки и убиства во натамошниот период“, смета професорот Димовски.
Криминална банда Дуќанџик и претходно имаше низа инциденти со ривалите од Беланоца
Некогаш биле партнери, но единството меѓу овие две групи одамна беше нарушено, а желбата за крв потекнува од убиството на Агим Шерифи од Арачиново во 2009 година, чие мртво тело беше пронајдено завчера на регионалниот пат Скопје- Куманово непосредно до дива депонија во близина на скопското село Орланци. Тој заедно со Џељаљ Ајети-Џељо ја водеше моќната нарко мрежа.
Шерифи беше и вујко на Орхан Бајрами – Оки, кој го наследи бизнисот. Роднинската врска меѓу нив двајца е преку сестрата на Шерифи.
И партнерот на Шерифи не ги избегна куршумите. Во неговата чајџилница „Кај Џељо“, во скопско Ченто во ноември 2013 година беше убиен од напаѓач маскиран во фантомка. Неколку години подоцна во септември 2018 година на улицата Рузвелтова во Скопје беше разлеана и крвта на братот на Ајети, Наим, кој се веруваше дека ја презема шефовската улога во Беланоца.
„Имаме 7,8 убиства во тие пресметки на организираните криминални групи, а ниту едно не ни е расветлено“, посочува Ѓурчески.
Престрелката кај Палас предвесник на убиствата
Сепак војната која резултираше со годинашниве жртви започна со една престрелка. Во скопскиот хотел Александар Палас во 2019 маскирани напаѓачи пукаа кон група лица, меѓу кои беше и Кривањева, кој тогаш се спаси благодарение на полицаец во цивилка кој во тој момент седел на истата маса со него. Во негово друштво беше и уште едно познато име-Камер Идризи. Но, заканата која доведе до смрт прво ја искуси Идризи кога пред две години во мај во населбата Бутел кон неговиот автомобил на булеварите „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски-Карпош” беше пукано од друго возило.
Набрзо по речиси една година беше одземен и животот и на неговиот брат Јонуз Идризи во чајџилница во близина на училиште во населбата Чаир.
Сега единствениот жив лидер на „Беланоца“, Фатљум Ајети-Тоте кој е син на убиениот претходен лидер на групата Џелал Ајети, а заврши во притвор во Шутка по убиството во Шиша бар, но за трговија со дрога и оружје . А токму Барон е групата која всушност го поврзува Штекли со Беланоца.
„Тој е дел од тие организирани криминални групи кои што владеат кои што контролираат одреден нарко простор и пазар. Значи тоа е делот од Аеродром, Кисела Вода, Центар и спрема Карпош со оглед дека Штекли беше повисоко позициониран во тие организирани криминални групи кои и понатаму ја водат битката за превласт во главниот град“, вели Ѓурчески.
Блиндираниот џип кој првиот пат му го штитеше животот на Штекли, му припаѓал на кланот „Беланоца“, а претходно го возеле браќата Џељал и Наим Ајети, таткото и чичкото на Тоте. Заканувачката порака на Тик Ток до Штекли беше од членови на „Дуќанџик“.
Полицијата не успеа да реши ниту едно од овие убиства. А зошто е тоа така?
„Мораме да ја имаме во предвид блискоста и поврзаноста на политиката со организираните криминални групи и нивното заемно извршување на услуги и коруптивните елементи кои што имаат влијание за слабата ефикасност на сите институции за прогон на кривичните дела“, порачува Ѓурчески.
Никој не стигнал да стапне на опашот на криминалните групи, смета професорот Димовски.
„Едноставно тоа е тежок проблем што ние не може да ги идентификуваме припадниците на тие групи и не можеме да фатиме некој од повисоката структура на организираниот криминал“, смета професорот Димовски.
И додека виновниците не завршуваат зад решетки на намалување на казната се надеваат нарко босови од Грчец благодарение на предлог законот за амнестија. Тие беа гонети во полициската акција „Планина“ за трговија со дрога и други кривични дела, а се во пакт токму со групата Дуќанџиќ.
„Објавивме војна, неселективна против тие криминални структури и тука нема да застанеме. Апсолутно да им биде јасно на сите дека безбедноста на државата и на градот е важна за сите нас“, порача министерот Спасовски.
Но, се чини дека МВР само доби една битка, со планината од Грчец, но војната сепак на слобода ја водат криминалните групи.
Марија Митевска