Газа вечерва е под силно израелско бомбардирање. Татнежите и експлозиите, како што јавуваат светските медиуми, се слушаат до Ашкелон, градот на југот на Израел, кој се наоѓа на 10 километри од Газа. Портпаролот на израелските сили објави дека вечерва се прошируваат операциите на копнените сили, појаснувајќи дека воздушните напади се таргетирани кон подземните тунели на Хамас и на други, како што потенцира, терористички цели во опколената енклава. По најавата, тој им порача на жителите на Газа да се преселат на југ. Израел претходно мобилизира стотици илјади резервисти кои ги распореди долж границата со Појасот.
Палестинската телекомуникациска компанија доцна вечерва соопшти дека сите комуникациски и интернет услуги во Појасот се во целосен прекин. Нетблок, група за следење на интернет, потврди дека мрежните податоци се во колапс од 17:30 часот по средноевропско време. Палестинската Црвена полумесечина, пак, соопшти дека целосно загубила контакт со својот тим во Газа. Притоа изрази загриженост за безбедноста на своите активисти, за нивната способност за давање на итни медицински услуги. Во прекин е и бројот 101 за итни случаи со што е оневозможено пристигнување на возилата на итната помош до повредените.
Израелската војска претходно денеска го обвини Хамас дека води „војна од болници“ во Појасот Газа, а цивилното население го користи како „жив штит“. Портпаролот на израелските сили, Даниел Хагари истакна оти постојат конкретни докази за преплавеност на медицинските установи во енклавата со стотици припадници на Хамас по масакрот што го направија на 7 октомври. Израелската армија објави серија фотографии, како поткрепа на таквите тврдења, без да се наведе како се обезбедени.
Набрзо стигна демант од палестинската милитантна група која смета дека Израелците со таквите наводи бараат оправдување за нов масакр, како оној во баптистичката црква Ал Ахли во која загинаа 500 луѓе.
Хамас го повика светот веднаш да реагира и да го запре израелското бомбардирање врз Појасот. Апелот е упатен вечерва по интензивираните нападите од израелската армија врз палестинската територија.
„Ги повикуваме арапските и муслиманските земји и меѓународната заедница да преземат одговорност и веднаш да дејствуваат за да ги запрат злосторствата и серијата масакри врз нашиот народ“, се наведува во соопштението на Хамас.
Сашко Димовски