Имавме мандат и бевме формирани да работиме на препораките на ОБСЕ и ОДИХР. Претходно биле формирани две-три групи, но ние сега, конечно, имаме дел од препораките кои се имплементираат, рече Александар Новаковски, претседател на работната група за реформи на изборното законодавство, во вечерашното издание на „Вин-Вин“ на ТВ Телма.
„За нова реформа, имаме и препорака на крајот, треба да се направи ревидиран Изборен законик, значи нов Изборен законик. За тоа ние немавме мандат, ниту имаше време, ниту тоа се прави. Работната група почна со работа со јуни и до сега работеше само на препораките на ОБСЕ и ОДИХР. Но, се надевам, како што е кажано и од Министерството за правда, ние ќе продолжиме да работиме за наредните избори“, изјави Новаковски.
Препораките на ОБСЕ и ОДИХР, нагласи Новаковски, се повторуваат сите изборни процеси.
„Сега, голем дел од препораките, со овие измени, ќе бидат имплементирани. Ние немаме препорака за промена на моделот. Тоа е работа на државата. Има закон кој е поднесен од една политичка партија, две години стои во парламент и тоа прашање не може да го реши работната група, бидејќи ние немаме ниту официјален предлог од некого“, истакна Новаковски.
Според него, во работната група на чие чело е биле опфатени сите можни институции кои на било кој начин, покрај Државната изборна комисија, имаат свои надлежности во текот на изборниот процес.
„Сите нивни предлози беа разгледани. Тоа не значи дека нема да бидат прифатени. Мојата информација вели дека нема предлози од политичките партии. Дали е тоа добар или лош знак ќе видиме“, потенцира претседател на работната група за реформи на изборното законодавство.