Секој 7-ми даден брз кредит е за лекување и за здравство, тврдат од групацијата на финансиски друштва, која по многуте инфорамации за злоупотреби почнуваат кампања за да се спречат ваквите криминални дејства. Во Македонија треба да има бесплатно здравство и лекување на сметка на Фондот, но редовите во сервисите за брзи кредити го покажуваат спротивното.
-Луѓето користат средства од кај нас тогаш кога им се најпотребни. Десет до петнаесет проценти од средствата кои се подигаат се за лекување. Што значи дека ако им требаат итно средства, а не можат да ги земат од некоја друга институција идат кај нас, вели Никола Јошевски, претседател на групацијата на финансиски друштва при Стопанска комора на Македонија.
Од групацијата тврдат дека најчесто, најблиските ги прават злоупотребите при вадење брзи кредити. Покрај злоупотреба на лични податоци, се „крадат“ и пинови на кредитните картички, па дури и самите картички. За поплаките со злоупотребени кредити, финансиските друштва не прецизираат кој во нивните редови е одговорен, но ги разбираат граѓаните кои се незадоволни.
-Луѓе кои си имаат свои идеи, желби и луѓе кои едноставно се разочаруваат од системот затоа што како „гром од ведро небо“ се соочуваат со проблем каде што тие треба да враќаат пари кои никогаш не ги виделе и затоа ја потикнуваме оваа кампања колку и да е мал тој број да се потрудиме да го сведеме на минимум, додаде Јошевски.
-Има злоупотреби не само во Македонија, туку и во регионот и во цел Свет. Тоа што сакаме да го направиме како групација е преку едукација и на кредитобарателите, но и на луѓето коишто работат во финансиските друштва да го подигнеме нивото и свеста како да се заштитуваат, да вршиме одредена едукација за тоа да го сведеме на минимум. Наша интенција е да нема, но за жал.., вели Антонета Манова Ставреска, Стопанска комора на Македонија.
Кампањата за дигитална безбедност во секторот за брзи кредити ќе ја продолжат за да се намалат злоупотребите и измамите.
Тамара Марковска