КОД ги открива имињата на потенцијалните амнестирани лица. Наркобосови, дилери, ограбувачи, помагачи при бегство за најтешки дела се наоѓаат на листата. Кој заслужува, а кој не амнестија.
Амнестијата нема да ги испразни затворите, бидејќи околу 2800 лица чекаат да влезат. Пробацијата може да биде долгорочно решение.
Милост од државата вака се нарекува актот кога Владата и Собранието ќе решат да им простат на сторители на кривични дела. Во независна Македонија имало најмалку 5 Закони за амнестија а очигледно е дека не донеле добри резултати. Но, нов Министер за правда, дојде и нов предлог за амнестија.
Со предлог законот на Министерот Лога од затвор ќе излезат 286 осуденици . Ама чекаат да влезат над 2000 нови . КОД истражуваше кои се лицата кои ќе се спасат од затвор а кому ќе му се намалт казните и зошто. Списокот е долг а има звучни имиња од Сеат Кочан до Карлито Бриганде од Тони Манџа до Чљирим Дервиши.
Амнестијата може да го реши проблемот со пренатрупаноста на затворите само на краток рок. Едни сега ќе излезат, но за неколку месеци ќе се наполнат со други осуденици.
Наместо од ѓутуре да се ослободуваат осудени криминалци, проблемот подолгорочно може да се реши со поголема употреба на алтернативните мерки за оние осуденици за кои ќе се оцени дека не претставуваат ризик по општеството. Во Македонија годишно се изрекуваат околу 1200 затворски казни.
Над половина од нив се до 1 година затвор. Добар дел од овие осудени би можеле да добијат алтернативна осуда како општокорисна работа. Наместо да прават гужва во затворите и државата да ги храни по три пати дневно, може да косат трева или да чистат паркови.
Емисијата беше емитувана на 22.10.2023.