Законот за плати е обемен и далеку од готов, но драфт-верзијата веќе е пратена во Работната група. Ова го вели министерот за информатичко општество и администрација, Алиу, по повеќе месеци откако првично беше најавен истиот. Законското решение ќе даде рамка за целиот платен систем во државата која се соочува со дисторзија на платите, смета Алиу. Сега сличен профил на вработени на исти работни места – се различно платени. Ваквите ситуации ќе се избегнат, уверени се во Владата.
Ние сме пет колеги од Владата кои во моментов работиме да најдеме решение за оптимизација на пристапот кон креирање на плати во државата. Ќе креираме стандарди и ќе има каскаден систем каде што секој профил, секое работно место ќе се знае со колку бодови се бодува. И се надевам дека ќе имаме платен систем којшто ќе нѝ даде јасна слика и за административните работници, но и за функционерите, изјави министерот алиу.
Во меѓувреме, функционерските плати се зголемија за 78%, а административците ги засилија протестите. Протестираа речиси сите од јавниот сектор – вработените во правосудството, во државната управа, во јавните претпријатија, а на протести излегоа и медицинарите. Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Деаноски, прашува – зошто нѝ е нов закон кога неодамна е потпишан Колективниот договор.
Нас нѝ остана само на тој систем на плати да утврдиме степен на сложеност на работните места. Сега ако се прави нов закон, се поставува прашањето зошто прво почнува да се прави, а второ – зошто се прави без учество на синдикатите. Изгубивме цела година за да направиме нов систем на плати и сега изгледа дека Министерството односно Владата решаваат дека тоа нема да важи и ќе правиме нов Закон за плати. Малку е нејасно, рече деаноски.
Деаноски објаснува дека синдикатите не знаат што се состои во драфт-верзијата на Законот за системот на плати во јавниот сектор. Тие не учествуваат ниту во Работната група и предупредуваат – да не го објават законот на ЕНЕР, па потоа да примаат само забелешки. Од УПОЗ порачуваат, социјален дијалог особено кога станува збор за плати, не може и не смее да помине без синдикатите.
Петар Догов