Првите 20 камиони хуманитарна помош за Газа се очекува да влезат денеска преку граничниот премин Рафах, кој го контролира Египет. Американскиот претседател Бајден успеал да го убеди неговиот египетски колега Ал-Сиси да се согласи да го отвори граничниот премин , единствениот што не е под целосна контрола на Израел.
До 20 камиони. Ова беа многу тешки преговори што ги имав. Сакаме да испратиме што е можно повеќе камиони, претпоставувам околу 150. Нема сите да одат во првата транша. Ако има втора транша, ќе видиме како ќе оди, заложбата е ако, всушност, ја преминат границата, ОН ќе бидат таму од другата страна. Ако Хамас го конфискува или не сака да дозволи да помине, само го конфискува, тогаш помошта ќе заврши. Затоа што нема да испратиме хуманитарна помош до Хамас ако тие сакаат да ја конфискуваат, одговори Бајден на новинарите кои го дочекаа во германската авијациска база Рамштајн, од каде требаше да полета за САД.
Засега нема најави дали ќе биде дозволено преку преминот да поминуваат луѓе, што првенствено со однесува на странците и Палестинците со двојно државјанство. Прашан за можна евакуација преку преминот Рафах, Бајден не сакаше да коментира многу.
„Ќе ги извлечеме луѓето од Газа, но сега не би навлегувал во детали за тоа“, изјави Бајден.
Според шефот на Црвената полумесечина за северен Синај, Халид Зајед, на преминот чекаат повеќе од 200 камиони со 3.000 тони помош.
„Она што се случува во Газа не е само војна против Хамас, туку и обид да се натера цивилното население да мигрира во Египет, што нема да го дозволиме“, кажа Ал-Сиси.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) велат дека продолжуваат со постојаните воздушни напади долж целиот Појас Газа, тврдејќи дека само во последните 24 часа биле уништени стотици елементи од инфраструктурата на Хамас. ИДФ кажа дека е убиен Рафат Абу Хилал, шефот на военото крило на Комитетот на народниот отпор, третата по големина вооружена фракција во Газа.
Според властите во Газа, во досегашните воздушни напади загинале 3.748 луѓе, а 12.000 се ранети.