Вести Код Македонија

Кантримен: Израел не сака војна на повеќе фронтови

Не гледам индикации дека Иран или Сирија сакаат да одат во отворен конфликт со Израел во моментов. Израел не сака да има војна на повеќе фронтови. Така што ако Хамас мислеше дека може да иницира таква регионална војна мислам дека е во грешка, вели во разговор за КОД, американскиот долгогодишен дипломат Томас Кантримен.

Господине Кантримен вие сте долгогодишен дипломат со големо искуство на Блискиот Исток. Што се случува сега во Израел?

Нападот од страна на Хамас врз цивили во Израел беше спроведен со бруталност, кој дури ги надмина бруталните напади на руската војска на украински цивили. Toa e дивјачко. Не можете да го наречете отпор. Не можете да го наречете војување. Мора да го наречете тероризам. Нема оправдување за тоа. Јас имам многу критики за израелските политики во различни области, но денес не е денот да се обвини Израел или да се критикува за овие напади врз цивили. Денес е денот да се застане до Израел и да се осуди овој вид на тероризам.

Која е крајната цел на Хамас?

За мене е невозможно да знам што Хамас сака да добие од ова. Можеби се надева дека ќе постигне промена на статусот кво ситуацијата, но, можеби е само реакција на гнев и емоции. Но, јасно е дека ќе ги засилат страстите, гневот  и емоциите на израелската страна што ќе доведе до понатамошна ексалација. Јасно ми е дека Хамас многу малку се грижи за животите на палестинските цивили. Не повеќе од грижата на Владимир Путин за руските војници. Така што денес е времето да не се анализира што Хамас прави, туку да се тагува и да се прошири нашата емпатија за сите цивилни жртви и во Израел и во Газа.

Можеби сакаат да го натераат Израел да биде порадикален, да почне да бомбардира и цивилни цели на тој начин ќе се радикализираат и палестинските цивили, па сите ќе влезат во Хамас и ќе влеземе во еден магичен круг од кој нема излез?  

Не очекувам Израел да изврши carpet bombing (бомбардирање ос цел срамнување со земја) врз Газа. Очекувам силна воена реакција. Јас силно се согласувам со тоа што претседателот Бајден го кажа пред некој ден, дека е неопходно за демократиите да ги почитуваат законите на војување. Вие може да кажете дека меѓународниот закон и војната се спротивни концепти. Но, всушност демократиите, дали се членки на НАТО или се надвор од НАТО имаат обврска да извршуваат воени операции на начин на кој што ќе предизвика што е можно помалку штета врз цивилите. Дали ќе има реакција од Хамас на било која акција од Израел? Секако.  Дали ќе ги направи луѓето повеќе огорчени за израелските политики? Да. Исто така мислам дека ќе ги направи луѓето и во Газа и во другите земји да го стават под прашалник Хамас и да го осудат Хамас за циклусот на насилство кој го иницираше.

Дали овој конфликт на Блискиот Исток има потенцијал да се прошири и да вклучи повеќе земји?

Секогаш постои тој потенцијал. Но, мислам дека веројатноста не е висока. Не гледам индикации дека Иран или Сирија сакаат да одат во отворен конфликт со Израел во моментов. Израел не сака да има војна на повеќе фронтови. Така што ако Хамас мислеше дека може да иницира таква регионална војна мислам дека е во грешка.

Како оваа нова војна во Израел влијае на војната во Украина?

Војната во Украина имаше влијание врз се во светот. Треба да има и некаков ефект врз тоа што се случува во Украина. Но, мислам дека тоа е на маргините, односно ќе го одвлече вниманието на дел од светот и ќе треба и Европа и САД да посветат повеќе внимание на Блискиот Исток и помалку на Украина. Но, не мислам дека ги менува главните фактори во војната во Украина, кои се- прво апсолутната одлучност на украинскиот народ да не подлегнат на диктатурата на Путин. Второ- големата волја и единство на Европа, САД и другите земји да ја поддржат Украина кон победата во војна која тие не ја започнаа. Може да влијае на маргините. На протокот на оружје кое е достапно  за Украина. Но, мислам само маргинално.

Во изминатава година се случија повеќе конфликти ширум светот. Државни удари во Нигер и во Габон, потоа војната во Нагорно Карабах, обид за дестабилизација во Косово, сега Хамас во Израел. Гледате ли поврзаност со војната во Украина?  

Украина е таа на која што и е потребна посилна материјална и финансиска поддршка. Израел е добро вооружан. Има капацитет да спроведе лимитирана воена одмазда против Хамас. Украина се бори во целосна инвазија и окупација од страна на Путин и тоа  емногу поголем предизвик и мислам дека ќе остане приоритет на САД и Европа да ја снабдува Украина, да го поддржи Израел ако е потребно, но Украина е таа која што има целосна војна на своја територија на која и треба наша поддршка.

Срѓан Стојанчов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Повредата е толку осетлива што од минута во минута создава нови проблеми“ вели мајката на повредениот син во пожарот во Кочани

Дејан Дејан

(Видео)Нов протест за Фросина – нејзиното семејство незадоволно од пресудата

Дејан Дејан

Oбвинителството предлага Крешник Бектеши да оди во куќен притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе