Насмеани и прегрнати – повратниците од Израел сега се на безбедно. Пред само неколку часа ситно броеја до летот за назад, за да избегаат подалеку од бомбите, истрелите и сирените за тревога.
Денес слета авионот на Air Serbia, полн со македонски и странски државјани кои побарале помош од амбасадите за да бидат евакуирани дома.
Исцрпени, но со насмевка дел од нив раскажуваат.
„Верувајте дека не е лесно во Израел. А, сепак јас бев на место коешто не беше многу зафатено од воениte дејства. Но, првенствено кога отидов таму бев токму во тоа место коешто во моментов е и најголемо жариште, односно Појасот Газа. потоа се префрлив на друго место. Според мене, проблем е тоа што навремено не се презема нешто за тие луѓе коишто директно беа под закана на оганот. Има некои коишто сѐ уште останаа таму и мислам дека брзо ќе се вратат“ вели еден од евакуираните македонски државјани од Израел.
„Не бев во загрозено подрачје, престојував во Петах Тиква. Таму немаше ништо. Има и такви што останаа во Израел и не сакаат да си дојдат“ вели уште еден од повратниците.
„Во Израел седевме седум месеци како туристи. Супер ми беше, многу убави спомени носам со себе ама ова што се случи е многу лошо“ раскажува една наша државјанка.
Според информациите, 133 патници имало во авионот за директниот лет од Тел Авив до Скопје. 67 од нив се македонски државјани, објави министерот за надворешни работи на социјалните мрежи.
На летот биле и други патници од регионот.
„Со денешниот чартер-лет од Тел Авив, кој беше организиран и платен од страна на Владата на Република Северна Македонија, ги донесовме и преостанатите 67 наши државјани кои побараа асистенција за нивна евакуација од Израел. На истиот лет, излеговме во пресрет и на нашите пријатели, обезбедувајќи трансфер и на седум албански, седум црногорски и три бугарски државјани“ напиша Бујар Османи, министер за надворешни работи.
За дел од нив, патешествието не заврши на скопскиот аеродром и ги чека уште пат до дома. Но, и тие пред нашите камери ги споделија своите искуства од завојуваниот Израел.
„Искрено јас не бев исплашен за враќањето. Сакав да останам таму. Но, штом падна првата бомба во местото каде што живеев, веднаш се одлучив да ја напуштам таа земја“ вели еден српски државјанин.
„Во текот на две години ова не е првпат. И претходно се случуваа слични работи. Значи ова не се случува за првпат. Се вмеша и Хезболах, таму се повеќе терористички групи и веќе стана опасно и да се излезе на улица. Не е во прашање само ракетен напад туку во прашање се и луѓето од арапската популација коишто се меѓу нас. Нив ги има многу. Но, стана неиздржливо“
Иако чартерот од Тел Авив беше организиран и платен од страна на Владата, претставник од МНР не успеавме да сретнеме на скопскиот аердром.
Патниците на летот од Тел Авив ги испрати в.д. амбасадорот на Србија во Израел. Пред портите за пристигнувања на аеродромот во Скопје, присутна беше амбасадорката на Црна Гора во Македонија.
Таа се заблагодари за помошта и се осврна на тежината на конзуларната операција за евакуација.
„Постојат ризици и од безбедносен и од финансиски аспект. Нашите државјани треба да бидат свесни за тоа. Нашите влади прават сѐ што е во нивната моќ. И нашите дипломатско-конзуларни претставништва, а исто така и вашите. И црногорските претставништва и македонските – сите даваат сѐ од себе“ изјави Марија Петровиќ, амбасадорка на Црна Гора.
Претходно, македонски државјани беа евакуирани со помош на летови организирани од владите на Србија и Грција. Се враќаа и преку Тирана и Истанбул.
Сѐ уште има македонци кои се очекува во следните денови да бидат извлечени од Израел и да се вратат дома, а се очекуваат вести и за двајцата македонски државјани во Газа, чиешто извлекување бара посебна акција.
Петар Догов