Ситуација во Тел Авив е мирна, но напната. Денеска е мирно, но граѓаните се плашат да излегуваат од домовите. Одиме само да купиме храна, но внимаваме во близина да има скривница во случај да се вклучат сирените за тревога, раскажува за Телма, Ракел Шели Леви Друмер, Еврејка по потекло од Македонија која живее во Тел Авив. Стравува дека еврејско семејство кое можеби е по потекло од Македонија било киднапирано од терористите.
Госпоѓо Леви Друмер, каква е состојбата во Тел Авив во моментов?
– Во моментов е мирно тука, нема ракети, нема сирени, луѓето седат дома. Имаме директиви да бидеме блиску до скривници и малку се плашиме да излегуваме, бидејќи знаеме дека некои терористи киднапираа коли и се шетаат по Израел и може да влезат во секоја куќа. Малку ни е страв, ама во моментов е мирно тука. Луѓето седат дома, сè е затворено, нема школи, ништо не функционира, освен итните служби, и работат супермаркетите и дуќаните за храна.
Можете ли барем да излезете до продавница? – Се чувствувате ли безбедни?
– Можеме. Релативно безбедно е, само да имаш скривница во близина во случај да се вклучат сирените. Ми кажуваше една постара жена, која живее блиску до границата, Леа Калдерон се вика, мажот ѝ беше од Битола ама тој почина, и таа ми кажа дека оди и купува јадење и им го носи на војниците на граница.
Со оглед дека потекнувате од Македонија и го зборувате македонскиот јазик, контактирате ли со некои Македонци во Израел? – Како се снаоѓаат?
– Во контакт сум со доста луѓе. Знам дека Македонците кои дојдоа тука да работат контактирале со амбасадата, ама со нив немам контакт. Имам повеќе контакт со Евреите кои се по потекло од Македонија. Ние сме релативно добро. Знам дека едно семејство Калдерон, не ги познавам лично, можеби се од Битола, беа киднапирани во Газа, целото семејство, и баба, и деца, и внуци. Се надеваме дека се добро и ве молиме за поддршка, да бидат ослободени што побрзо, знаеме дека таму многу ги малтретираат.
Велите сега е мирно, каква беше ситуацијата во изминатите денови?
– Завчера беше мирно, вчера почна околу 7 наутро. Вчера имаше многу сирени и слушнавме доста експлозии, пукнаа доста бомби и ракети.
Срѓан Стојанчов