Цената на моќните возила би се зголемила за, отприлика, 1.000 евра, а кај волуменските возила, нема да има драстични промени во цената, брифираат извори за Телма. Меѓутоа сè ќе зависи за каков предлог ќе се донесе одлука, затоа што во игра се неколку опции. Во понеделник, во министерството за финансии, претставници на сите комори ќе одат на состанок, а во вторник ќе се разгледува на владина седница.
Во документот кој го доби Телма, се вели дека по сеопфатните дискусии за измена и дополнување на уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила и износите потребни за пресметка на данокот согласно новата метода, која произлегува од проектот со Светската банка за унапредување на оданочувањето на моторните возила, финансии заедно со Царинската управа подготвиле два предлози, од кои во едниот се вметнати и сугестиите на дел од бизнис заедницата.
Исто така, предлог уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за пресметка на данокот на моторни возила и на износите потребни за пресметка на данокот на моторни возила ќе биде ставена на дневен ред на владината седница која треба да се одржи во вторник.