Вести Македонија Топ вести

Парични казни за 34-годишник и неговата фирма, кој со злоупотреба на личните податоци на тројца лекари вршел он-лајн продажба на чаеви

Основното јавно обвинителство Скопје до надлежниот суд поднесе Предлог за издавање казнен налог против едно физичко и едно правно лице, кои се обвинети за три кривични дела – Злоупотреба на лични податоци од член 149 од Кривичниот законик.

Обвинетиот 34-годишник, како одговорно лице во правното лице, во периодот од ноември 2022 до април 2023 година, спротивно на условите утврдени во член 10 и член 96 од Законот за заштита на лични податоци, без согласност на тројца оштетени лекари, ги користел нивните лични податоци – слика, име и презиме за он-лајн продажба на два производа.

Личните податоци на секој од оштетените лекари биле злоупотребени како тие со својот професионален авторитет да ги рекламираат и препорачуваат чаевите Паразол (Parazol) и Хипертеа (Hypertea), кои на територијата на државава ги увезувало и дистрибуирало обвинетото правно лице.

Телма дознава дека преку продажбата на овие чаеви биле оштетени следниве лекари: Никола Пановски, микробиолог и професор на Медицинскиот факултет во Скопје, Маја Мојсова, раководител на КАРИЛ и инфектологот Вело Марковски.

Лажните интервјуа и постови, преземани и споделувани на повеќе веб страници и социјални мрежи, со здравствени тврдења и лажни медицински препораки за овие производи кои оштетените никогаш не ги дале, обвинетиот ги искористил за незаконита обработка на личните податоци и директен маркетинг.

Надлежниот јавен обвинител му предложи на Судот да ги огласи за виновни и одговорното лице да го казни со единствена парична казна од 70 дневни глоби со висина на дневната глоба од 30 евра во денарска противвредност, а правното лице да го казни со единствена казна од 300.000 денари. Согласно предлогот на обвинителството, обвинетите по пресудата ќе треба да ги надоместат трошоците на постапката, а секој од оштетените лекари ќе има можност во граѓанска постапка да си го оствари своето имотно-правно побарување за нанесената штета со злоупотребата на личните податоци.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Калајџиев: Сите влади кај нас практикувале реформски илузионизам, давајќи лажна надеж дека со измена на закони ќе се подобрат состојбите

Дејан Дејан

Петковска: Организацијата на судењето за пожарот во „Пулс“ ќе биде голем предизвик за Кривичен

Дејан Дејан

Трамп: Разочаран сум од Путин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе