Најава за штрајк секој четврток, од 11 до 17 часот преку ден да нема полетувања од скопскиот и охридскиот аеродром, а прелетите да се намалат за половина. Треба да почне на 12-ти октомври доколку директорите на М Нав, контролата на летање не ги исполнат барањата на синдикатот. Синдикатот се жали дека нестручни луѓе се вработуваат на брзи тридневни конкурси и бараат подобра опрема и подобри работни услови за оние за кои што се грижат за безбедноста на авионите на небото. По првата објава, првиот синдикалец добил закани.
Синдикатот обвинува дека работите не се објавуваат и дека најголем проблем во оваа институција со високи плати е тоа што не се цени квалитет туку се оди по желби. Тасевски вели дека има огласи кои траат по три дена и се преку викенд што значи дека само тој однапред што знае за огласот може да ги собере потребните документи. Потоа ќе биде вработен некој како портир или хигиеничар, па бара и е префрлен на подобра платена позиција, па ќе му биде тешко и му се бара ново полесно работно место. На крај за да се пополни дупката пак мора да се прими нов вработен и секторите надвор од оперативните се преоптоваруваат, тврди Тасевски.
Од синдикатот велат дека од април се во разговори со менаџментот на М-НАВ, но и покрај ветувањата ништо не е сторено поради што се одлучиле на штрајк. Од Навигација за Телма ги негираа тврдењата на првиот синдикалец на контролорите на летање и тврдат дека не се колективни на синдикатот туку лични.
-Оваа негативна и лоша тенденција која е лична иницијатива за свои интереси од Претседателот на синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски е само показател на лични интереси во негова корист, а додека другите вработени кои не се консултирани за неговите изјави и постапки кои според свои интереси ги злоупотребува и според тоа прави штета на М-Нав.
УО на М-НАВ АД Скопје потврдува дека сите вработувања за контролори на летaње се спроведуваа согласно строгите критериуми на Eurocontrol и интерните акти и за последните две години се примени 20 нови кадри од кои 12-мина се здобија со лиценца додека другите 8 кандидати се во фаза на практична обука, стои во реакцијата на М-НАВ.
Од М-НАВ споделија дека се вложува во опрема и инструменти, но и во обука и објавија дека оваа година имаат најдобри финансиски резултати.
Миомир Серафиновиќ