Доколку Законот за амнестија се стави во собраниска процедура со европско знаменце, ВМРО ДПМНЕ ќе го напушти Собранието.
Ова е пораката од лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, која ја пренесе во своето обраќање на Конференцијата на Унија на ветерани во Струмица. Според Мицкоски, власта покажувала знаци на очај пред изборна кампања.
Тој во својот говор изрази мислење дека криминалците во Македонија не се плашеле од одговорност затоа што Владата продуцирала неодговорност, а од друга страна тврдела дека следи европски практики.
„Ќе ве потсетам ако се сеќавате, велеа „Нема правда нема мир“, ветуваа дека ќе се дознаела вистината за убиството за Смилковското езеро, организираа протести, заведуваа народ, ги лажеа родителите на настраданите, за да сега истите тие се борат за нивната слобода. Да излезат тие и стотици други кои правеле разбојништва, кражби, перење на пари и слично. Ова се последните очајни крици на власта. Овој закон за слобода на криминалци меѓу кои и оние од „Монструм“, за кој нема европско знаменце што значи нема скратена процедура, ќе мора да се дискутира во Парламентот по стандардна процедура. ВМРО-ДПМНЕ отворено кажува дека ќе го блокира“,
рече Мицкоски.