Судењето за „Трезор“ за набавката на британска опрема за следење за Управата за безбедност и контраразузнавање се одложи на барање на обвинителството за организиран криминал.
Слично како со предметот „Таргет – Тврдина“ за масовното прислушување, обвинителството писмено го известило судот дека им е потребно време за да анализираат како измените на Кривичниот законик ќе влијат врз овој предмет за да донесат јавно обвинителска одлука.
Четворицата обвинети, меѓу кои и екс директорот на УБК Сашо Мијалков, одговараат за Ставот 5 од делото „Злоупотреба на службена положба“ поврзано со јавните набавки, кое со измените беше избришано.
Што ќе бидат следните чекори на обвинителството ќе се знае на следното рочиште закажано дури за 10-ти ноември. Доколку се преквалификува во некоја од одредбите од овој изменет Член, застарувањето е за помалку од една година, покажаа анализите на познавачите.
„Трезор“ еднаш дојде до првостепна пресуда со која Мијалков беше осуден на 8 години затвор, избеганиот екс началник на УБК Горан Грујевски доби 15 години, а останатите двајца обивнети, екс функционери во МВР, Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски по 5 години затвор.
Апелација во ноември лани ја укина пресудата и предметот сега повтроно е на судење пред првостепениот суд.