Вести Економија Топ вести

Пумпање на капиталните инвестиции, па издишување за плати и пензии

Пумпање на капиталните инвестиции на почетокот на годината за буџетот да се претстави како развоен, па кратење со првиот ребаланс, зашто не може да се реализираат.

Тенденцијата продолжува и оваа година.

Во буџетот беа предвидени рекордни 790 милиони евра за капитални инвестиции. Сега, 295 милиони евра ќе се префрлат за плати во јавниот сектор, пензии и субвенции. Од нив, скоро 12 милиони евра одат за зголемување на функционерските плати за скоро 80 отсто. Се крати од стоки и услуги и најмногу од инвестиции во инфраструктурата.

„Тоа е просто кажано – политички маркетинг. На почетокот на годината, кога се спрема буџетот, се фалат со тоа колку многу пари ќе инвестираат во автопатишта, во хидроцентрали, школи, болници или што и да е, и тоа го прават од чисто политички побуди за да кажат еве ние ќе градиме, ние ќе ви дадеме сè што сакате и потоа, во текот на годината, кога ќе сфатат дека не можат тоа да го реализираат, дали зашто се неспособни, дали затоа што не им е гајле, едноставно ги кратат средствата“, вели економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, пак, вели дека ова се прави во интерес на граѓаните.

„Пристапуваме кон овие реалокации на средства, главно во интерес на социјалниот аспект. Главните реалокации се токму во насока на поддршка на граѓаните и нивниот стандард во време на ценовна криза на светско ниво, на европскиот пазар, но и кај нас“, изјави Бесими.

Бесими вели дека не се работи за ребаланс, туку за реалокација, зашто приходите и расходите во буџетот остануваат исти, но парите се префрлаат од едно место на друго. Тој вели дека се кратат пари кај оние капитални проекти, кои побавно се реализираат.

Слична ситуација се повторува со години. На почетокот, владата планира високи инвестиции, и се фали со развоен буџет, но со ребалансите тие пари ги пренаменува за други трошоци, па на крај ни скратените не ги троши целосно.

Минатата година, на почетокот беа планирани 620 милиони евра за капитални трошоци, со ребалансот се скратија на 530 милиони евра, и на крај беа реализирани 465 милиони.

Според анализата на Фајнанс тинк од почетокот на годинава, владата нема капацитет за толку високи капитални инвестиции. Без разлика на почетната проекција, моменталниот капацитет за реализација на капитални расходи се движи до 450 милиони евра.

Капиталните инвестиции од 2017 до 2021 година се движеле од 200 до 380 милиони евра годишно, а реализацијата била 50 до 74 проценти од првично планираното. Исклучок е 2021 кога реализацијата надмината 97 проценти.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ковачевски: Oва е последниот повик за Европа, ние не се откажуваме

Дејан Дејан

Пендаровски: Нема предавање и откажување пред 8 мај по ниедна цена

Дејан Дејан

Беше на украинскиот фронт од првиот ден на војната – загина двократниот европски првак во кревање товар

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе