Вести Македонија

Штитениците во Волковија наместо на настава, на принудна екскурзија – чекаат каква ќе биде нивната судбина

За штитениците на воспитно-поправниот дом „Тетово“ во с. Волковија денес, на први септември не започна учебната година. Тие и досега повеќепати се соочија со прекин во образованието.

Во оваа установа се упатуваат децата кои се судриле со законот на возраст од 14 до 21 година. Тие сега чекаат на реакција од страна на највисоките инстанци.

Народниот правобранител бара привремено и соодветно решение, сѐ до законските измени кои ќе овозможат воспоставување на формален образовен процес.

Омбудсманот уште во октомври лани се обратил до Министерството за образование. Во меѓувреме, законот е заглавен во Собрание.

„За жал, одговорот од Министерството за образование и наука добиен во месец ноември беше краток и формален. Во него нѐ известуваат дека во тек е процесот на измени на Законот за основно образование, а со тој закон треба да се надминат овие проблеми и воспитно образовниот процес да не се изведува проектно и поддржан од меѓународни организации туку да биде внесен во законот како обврска и надлежните институции тоа да го покриваат. За жал, тој закон сѐ уште е во собраниска процедура, што значи дека тој проблем не е решен“ вели народниот правобранител Насер Зибери, во изјава за Телма.

Сериозни повреди на правата на детето во областа на образованието – ова го нотирал Народниот правобранител. За истото е алармирана и Владата.

Оттаму се немаат произнесено и проблемот е во статус-кво. Од Владата потврдуваат дека ја примиле доставена информација до нив. Но, засега не се знае кога ќе биде разгледана истата.

„Информацијата со предлог за преземање мерки е доставена до Владата на 27.07.2023 година и истата ќе се разгледа на една од наредните владини седници. Исто така, ве информираме дека Управата за извршување на санкциите континуирано, во рамките на своите ингеренции презема активности со цел продолжување на основното образование на децата во воспитно-поправниот дом, но и во казнено-поправните установи“ е ставот на Владата на РС Македонија.

Ова е само дел од проблемот, вели Зибери. Друг сериозен проблем е тоа што децата од ВПД „Тетово“ – Волковија коишто се на различна возраст не добиваат соодветни документи односно свидетелства.

„Им се издаваат едни потврди. Потврди коишто НЕ претставуваат НИТУ НЕКАКВА јавна исправа, што значи дека тие ученици не се стекнуваат со квалификација согласно Националната програма за квалификации и де-факто тие деца остануваат без понатамошен образовен процес, но и без стекнување на соодветни исправи со кои утре ќе можат да се вклучат на пазарот на трудот“ појаснува народниот правобранител Зибери.

Правото на образование е уставно загарантирано. Но, штитениците во Волковија сега се на екскурзија, наместо да седнат во училишните клупи – чекајќи барем некакво, привремено решение за нив.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кривичeн го одобри едниот обвинителниот акт за случајот поврзан со Онкологија- другиот за економското работење се оценува

Дејан Дејан

Пораст на врсничкото насилство во пост ковид периодот, покажа статистиката на МОН

Дејан Дејан

За основците само прва смена, од прво до петто одделение целодневна настава

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе