Државниот обвинител Љубомир Јовески побара од Судскиот совет да се достави список на предмети каде рочиштата биле одложувани поради отсуство на обвинителите, откако Советот на завчерашната седница констатираше дека при работната посета на Кривичниот суд било нотирано дека процесите се одлговлекуваат поради неажурност на обвинителите.
„Во кои предмети судските рочишта биле одложувани повеќе пати поради отсуство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) или од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје? На кои датуми биле закажани одложените рочишта во секој предмет поединечно и со какво образложение надлежните обвинители го оправдале отсуството?, прашува Државниот обвинител, Љубомир Јовески “
Јовески во писмото доставено до Судскиот совет бара оваа информација да му биде доставена итно за да може да се утврди дали наодите се основани и да се поведе дициплинска постапка против обвинителите.
„ Доколку јавниот обвинител без оправдани причини не постапува во предметите во пропишаните законски рокови поради што значително се одолговлекува постапката или настапила застареност на кривичното гонење, тоа претставува основ да биде поведена постапка за потешка дисциплинска повреда“, додава Јовески.
Државниот обвинител веќе побарал од шефовите на обвинтелствата Ислам Абази и Гаврил Бубевски да одржат колегиум и да им укажат на обвинителите дека повеќекратните отсуства ќе бидат основ за отварање на дисиплинска постапка.
Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, е дециден дека тој лично забележал дека рочишта во серија се одложувале поради отсуство на обвинител и за тоа немало рекација ниту од судијата.
Георгиев најави дека ќе одговори на барањето на Јовески и ќе ја достави информацијата.
Огнен Чанчаревиќ