Град Скопје веднаш да го санира мостот Беласица, за граѓаните да не плаќаат поскапо парно. Првиот регулатор Бислимовски со ново предупредување до градските власти, да си ја завршат работата, за да може да се постават новите цевки за парно, затоа што тие се главната топловодна мрежа за Скопје, а новата грејна сезона е пред нас.
Од април до октомври се шест месеци и мислам дека тоа е доволно време за да се заврши целата работа. Скопје друга опција нема. Има паралелен топловод, но тој е со помал капацитет, порача бислимовски.
Ако не се постават новите цевки скопјани нема да останат без парно, но цената ќе биде повисока, затоа што топлинската енеергија наместо од ТЕ-ТО, ќе се испорачува од другите топлани во градот.
Преку тој топловод топлинската енергија од ТЕТО доаѓа во Центар и Карпош, и таа енергија е важна затоа што цената е три пати поевтина од онаа на топланите Исток и Запад, рече бислимовски.
Од ЕСМ велат дека се слушнале со надлежните во град Скопје и од таму им соопштиле дека најверојатно во понеделник ќе имаат информација околу санацијата.
ЕСМ Дистрибуција на топлина ги заврши сите подготвителни активности за поставување на нови топловодни цевки, кои се веќе пренесени на локацијата и компанијата ќе вложи напори нивната монтажа, да се заврши во најкраток можен рок, соопштија од есм.
Од градот Скопје пак за Телма тврдат дека топловодните цевки ќе бидат поставени пред стартот на новата грејна сезона и дека се во комуникација со ЕСМ.
Мостот Беласица беше опожарен на почетокот на мај и од тогаш е затворен за сообраќај.
Во текот на овој месец ќе се соопшти и новата цена на парното. Калкулациите сѐ уште се прават. Дел од компаниите за топлинска енергија побараа над 50 отсто зголемување. Цената требаше да се знае до крајот на јули, но РКЕ одлучи да ја соопшти подоцна, затоа што меѓу самите компании и владата има долгови кои се направија во текот на енергетската криза. Тие треба да се порамнат затоа што имаат влијание на крајната цена за потрошувачите.
Ирена Чачкова