Вести Македонија

Партиите на Албанците се позиционираат за и против власта

Осум партии во Парламентот, но две можности за позиционирање: со власта или против неа. Ваква перспектива имаат и досегашните и новоформираните партии на Албанците, па и оние што се во најава за формирање.

Јавноста веќе шпекулира дека Европската демократска партија, што беше промовирана пред само 18 дена, ќе биде дел од Владата и ќе преземе некои позиции од ДУИ. Портпаролот на ДУИ Бујар Османи нема такви информации, но посочува дека вратата на Европскиот фронт е отворена за партијата на Аријанид Хоџа како и за други партии. Хоџа демантира дека почнал конкретни преговари, но уште при основањето на партијата најави придонес за европската иднина на земјата.

Опозициската Алтернатива се пожали на притисоци од власта, пред `се од Алијанса. Велат дека нивните активисти трпат закани, најави за раскинување на договори за вработување и распоредување во други градови.

Денес сме тука да реагираме и да кажеме дека овие ниски форми на притисок никогаш нема да поминат. За време на комунизмот овие притисоци ги вршеше власта која не зборуваше на албански јазик, но притисокот што се врши на албански е уште пожесток и посрамен, рече потпретседателот на Алтернатива, Адмирим Алити.

Алијанса за Албанците нема коментар за ваквите обвинувања.

Опозициското дејствување на блокот што го создадоа партиите на Изет Меџити, Африм Гаши и Билал Касами беше најавено при формирањето.

Прв пат во албанскиот кампус има опозиција. До сега немаше. Видливо е дека има сериозни чекори и кај Албанците да се воведе конкуренција. Конкуренцијата е добра и во економијата и во политиката. Ќе има битка на идеи. Нема да дозволиме да спијат и да грешат како до сега, рече тогаш Изет Меџити.

Аналитичарите очекуваат сите помали партии на Албанците да одберат страна, ако имаат намера да опстанат на политичката сцена.

Мислам дека ќе бидат групирани или регрупирани околу два поголеми блока на партии на Албанците. Другите, што нема да влезат во такви предизборни коалиции, тешко ќе може да опстојат на политичката сцена, вели Сефер Селими од Демокраси лаб.

Летово, драстично се зголеми интересот за формирање нови партии кај Албанците. По Меџити и Хоџа, нова партија најави и пратеникот Скендер Реџепи Зејд, кој лани ја напушти Алтернатива и стана независен пратеник.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Велика Британија размислува за правни мерки против Абрамович поради замрзнатите средства од продажбата на „Челси“

Дејан Дејан

Собранието станува безбедносна зона

Дејан Дејан

ОЕЦД ја намали проекцијата за глобалниот раст

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе