Крадците не бираат, одземаат сѐ и сешто. Во полицијата се пријавува кражби на електрични тротинети, автомобили, пари, накит, па се до добиток и живина.
Пред една недела провала во куќата и дворот во тетовско Слатино пријавил Трпче Атанасоски. Покрај украденото, направена е штета и на објектот. Во ова село жителите се пожалија дека во рок од еден месец се случиле кражби во четири домови. Бараат полицијата да ги открие сторителите.
„Ова не е првпат. Ова се случува повеќе пати, полицијата да преземе мерки и да ги открие сторителите. Голема штета имаме. Моторна пила, мотокултиватор, казан, капакот бакарен и на комшијата казанот. На другиот сосед мотокултиватор, касетофон, секири, многу работи украле“, вели Трпче Атанасоски, жител на село Слатино.
Крадците ги „демнат“ претежно куќите низ селата каде нема постојани жители, а во градовите чекаат граѓаните да заминат на одмор. Меѓу сторителите бројни се и малолетниците. Од СВР Тетово велат дека се работи на расчистувањето на пријавените кражби, што ова лето е и значително зголемено.
„Летово на тетовското подрачје целосно се расчистени 10 кражби на моторни возила, седум кражби на електрични тротинети и повеќе други кражби. Сторителите на овие кражби се идентификувани и веќе им се изготвени законски предвидените поднесоци, а одземеното е пронајдено и вратено на нивните сопственици“, изјави Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
СВР Тетово пред и во текот на летото, реализирал превентивни активности, како граѓаните најефикасно да се заштитат од кражби.
„Во овој период беа одржани 30-тина средби со советодавни групи на граѓани на кои им беше објаснето како и што да направат најефикасно да се заштитат од кражби, особено кога заминуваат на годишни одмори или кога подогло отсуствуваат поради свадбени или други семејни свечености“, додава Јосифоски.
Со цел да се пресретнат, односно оневозможат кражби, од полицијата велат ќе продолжат со превентивните активности.
Данијела Билбилоска