Над 7.500 луѓе се евакуирани или им е наредено да останат во затворени простории бидејќи најлошиот шумски пожар во најмалку четири децении го пустоши канарскиот остров Тенерифе, горејќи преку 2.600 хектари земја и се доближува до главниот град Санта Круз.
Фернандо Клавихо, регионалниот претседател на Канарите објави дека повеќе од 250 пожарникари – поддржани од воени екипи за итни случаи и 17 авиони – работат на справување со пожарот, кој избувна на северо-источниот дел на островот во вторникот, нарекувајќи го „најкомплицираниот пожар на Канарските Острови во изминатите 40 години“.
Претставниците на властите нагласуваат дека состојбата била особено тешка поради тоа што пепелта и ветерот предизвикуваат мали пожари во различни области.
Температурите на Канарските Острови, кои во последните денови достигнаа повеќе од 40 степени Целзиусови, се очекува повторно да се зголемат во сабота.
Повеќе од 2.000 луѓе беа евакуирани во шумскиот пожар на блискиот остров Ла Палма минатиот месец, кој зафати околу 4.500 хектари. Шумските пожари изгореа речиси 64.000 хектари во Шпанија во првите седум месеци од годината, покажуваат податоците на шпанската влада.
Според бројките на ЕУ, сезоната на шумски пожари во 2022 година беше втора најлоша забележана, со пожари кои проголтаа 1, 6 милиони хектари шума – површина приближно еднаква на Црна Гора. Само во Шпанија во шумските пожари изгореа на 315 илјади хектари.