Вести Македонија Најважни

Ковачевски: Двотретинско мнозинство е потребно за интеграции, а не за опстанок на оваа Влада

Пленарната дебата за уставните измени стартува утре, а успешен епилог не може да се очекува, доколку опозициските партии не го сменат мислењето во последен момент.

Владата се соочува со недостиг од дво-третинско мнозинство. Тоа е потребно за европските интеграции, вели премиерот Ковачевски, а не за опстанок на оваа Влада, на која `и се доволни 61 пратеник. Според него, ВМРО ДПМНЕ нема образложение зошто е против и нема никакви забелешки на предложениот текст, кој ги гарантира македонскиот идентитет и јазик, па затоа презентира оправдувања како „нова преговарачка рамка“ или „гласање под бугарски диктат“.

„Десетдневната дебата во Собранието е добра можност граѓаните да се уверат дека се работи за процес за остварување на втората стратешка цел на државата по членството во НАТО. Што побрзо го направиме тој процес, толку побргу ќе станеме членка на ЕУ. Ќе повторам: за прв пат ветото на нашата држава не доаѓа од надвор, туку може да дојде од внатре“, изјави Димитар Ковачевски, претседател на Владата на РС Македонија. 

„Уставни измени нема да има“, гласи и денешниот одговор од ВМРО ДПМНЕ.

„Ако Ковачевски имаше пратеници за уставни измени, ќе ги ставеше на гласање многу одамна. Утре ќе се види дека промена на Уставот нема да има. Се што прави Ковачевски е држење на државата во заложништво заради неговата желба да остане на власт уште еден ден повеќе“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Во барањето предвремени избори, ВМРО ДПМНЕ добива поддршка од новоформираниот опозициски блок на Албанците, во кој се Алтернатива, БЕСА и Демократско движење. Тие повикаа да се гласа за уставни измени, кои треба да се прошират со нивните амандмани за незастарување на коруптивните кривични дела и замена на изразот „20 одсто“ со зборовите албански јазик. Но, ако нема мнозинство, сугерираат распуштање на Парламентот.

„Доколку нема доволно мнозинство да се гласа првата фаза од уставните измени, повикуваме да се гласа за распуштање на Парламентот и распишување предвремени избори, за да се бара друг парламентарен состав кој ќе има капацитет и политичка волја за туркање на интегративните процеси кон ЕУ“, истакна Африм Гаши, претседател на Алтернатива

„Од вас зависи дали ќе ги продолжиме разговорите за членство во Унијата или ќе ги запреме преговорите на подолг рок“, им порача на пратениците министерот Бујар Османи преку отворено писмо.

„Со промената на Уставот, ќе стане јасно дека покрај македонскиот народ, во земјава живее и дел од бугарскиот народ, кој е различен. Ова не го правиме под диктат на Бугарија, ниту заради уцена од нејзина страна. Ова е компромис во преговорите откако нивниот меморандум за непризнавање на македонскиот јазик не доби поддршка од земјите членки на ЕУ“, се наведува во дел од отвореното писмо на министерот Османи. 

Утрешната седница би можела да заврши експресно во еден ден, како Комисијата за уставни прашања. Расправата ќе трае најмногу 10 дена, а независно од тоа, гласањето може да биде одложено и дополнително закажано во согласност со Деловникот. За дво-третинско мнозинство, потребна е поддршка и од ВМРО ДПМНЕ.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Демонстратите на денешниот голем протест во Белград побараа предвремени избори

Дејан Дејан

„Марш за ангелите“ во Кочани – семејствата на трагично загинатите млади луѓе бараат одговорност од институциите

Дејан Дејан

Фараж: Албанија да си ги земе криминалците назад

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе