Скопските горештини никако да ги разладат граѓаните кои го користат јавниот превоз. Во гужви, без клими и со отворени врати, ваква е сликата во автобусите, алармираат граѓаните.
„Во државните има клима во приватните ретко има. Малку се вариме ама отворени вратите, ама не е тоа тоа да се отвара врата“, вели граѓанин.
„Нема клима., Требаше да е пуштена, но мораш со отворени прозори“, вели друг граѓанин.
„Во некои има во некои нема, но повеќето имаат. Сега се симнав не беше многу, али нормално беше можеш да седиш пак. Во приватните нема клима“, вели граѓанка.
„Приватните повеќе возат со отворени врати, а од ЈСП не сум приметил да возат со отворени врати. Клима во 80% од автобусите на ЈСП имаат, а приватните немаат“, вели граѓанин.
Но освен проблемите со климата и возниот ред доцни, се жалат граѓаните а потврдува и првиот синдикалец на ЈСП, Миќо Стојановски. Намален е бројот на автобуси бидејќи повеќе од 150 возачи си заминале од ова јавно претпријатие а бројката допрва ќе се зголемува вели Стојановски.
„ЈСП го напуштија преку 150 возачи барајќи подобар живот надвор од Македонија, и тоа ќе продолжи. Не само возачи туку и сервисери и служби. Се сведе ЈСП на 1100 вработени. Значи сега имаме по 3ипол вработени на вклучен автобус што е испод европскиот просек на 4ипол вработени по автобус вклучен во јавен градски превоз. Значи и да сакаме во моментов не можеме да ги покриеме сите линии затоа што нема возен персонал, напуштија луѓето и ќе напуштаат“, вели Миќо Стојановски претседател на синдикат на ЈСП.
По најавата на синдикатот дека им доцни исплатата на јулската плата на вработените во ЈСП, денеска на средба во градот Скопје добија ветување дека ќе добијат плата, па синдикалците се откажаа од нови протести. Во несигурни автобуси се возат граѓаните и на меѓуградски линии. Полиција во текот на вчерашниот ден спровела полициска контрола и на вонреден технички преглед биле упатени 177 автобуси и други возила кои вршат јавен превоз на патници, а констатирани се и 173 сообраќајни прекршоци.
Симона Петровска