До покачување на цените на домашното свежо месо во најскоро време нема да дојде и не се очекува, односно дека нема место за паника и загриженост на крајните потрошувачи, соопштуваат од Здруженијата за свињарство – „Македонско прасе“ и „Гицко“.
Известувањето од здружението следува по информациите што неодамна беа пласирани во јавноста од страна на Стопанската комора на нашата земја, дека се очекува поскапување на свинското месо на македонскиот пазар и дека има итната потреба од увоз на смрзнато месо од странство како превенција на покачувањето на цените за крајните потрошувачи.
„Двете здруженија на производители на свињи, кои го обезбедуваат во потполност пазарот на свежо свинско месо преку задоволување на домашните потреби од месо од повеќе од 100%, цврсто стојат на ставот дека нема место за криза и грижи, се додека суверено со сопствени сили го задоволуваме нашиот пазар со виско-квалитетно македонско свежо месо наменето за конзум“, соопштуваат од Здруженијата за свињарство – „Македонско прасе“ и „Гицко“.
Две здруженија ги подржуваат сите стручни постапки на ресорните министерства и нивната интенција за изнаоѓање на долгорочно и одржливо решение во однос на потребата на месо-преработувачите, кое од една страна ќе ја обезбеди стабилноста на домашниот пазар на месо и месни преработки, а од друга страна ќе ги зацврсти земјоделските политики со кои на свињарството на нашата земја и се гарантира развојот и опстанокот на голем број семејства вработени во истиот.