Сите навивачи на загрепски Динамо кои досега се уапсени во Атина или во обид да ја напуштат Грција, речиси деведесет на број, денеска беа однесени на распит пред обвинител во судската палата Евелпидон. Полицијата сè уште трага по 20-тина хрватски хулигани кои ја немаат напуштено Грција и нема официјална потврда кој е убиецот на 29-годишниот Михалис Кацурис. Грчките медиуми тврдат дека отпечатоците и ДНК трагите најдени на телото упатуваат дека станува збор за грчки државјанин, најверојатно навивач на атински Панатинаикос кој бил заедно со хрватски хулигани, а не 19-годишниот Домагој Пезер кој беше уапсен вчера во обид да ја напушти Грција.
Додека полицијата ги спроведуваше уапсените хулигани, меѓу кои се и двајца грчки државјани, по трасата и пред судската палата насобраните атињани извикуваа „фашисти“ и „убијци“. Тие се осомничени, а некои и од нив обвинети за злосторничко здружување, а тоа го потврди адвокатот на уапсениот грчки државјанин кој изјави дека обвинението нема да издржи.
Судските вештаци потврдиле дека фаталната рана е нанесена со конкретен тип на мал рачен нож кој не е пронајден. Форензичарите ги испитуваат ДНК трагите и отпечатоците, а трае и деталната проверка на видеозаписите од безбедносните камери на улиците и на објектите со недеж дека ќе се идентификува прецизно убиецот на Кацурис. Засега остануваат две верзии дека убиецот е веќе уапсениот Пезер и дека е грчки државјанин.
Грчката јавност е револтирана од игнорантскиот однос на атинската полиција. По социјалните мрежи се шират слики од работници на јавното комунално претпријатие како го чистат теренот каде што се случи убиството пред форензичарите да го исчешлаат просторот. Исто така потврдено е дека грчката и атинската полиција имале прецизни информации уште на 4 август дека ќе пристигнат навивачи на Динамо и дека опасноста од инцидент е исклучително висока. Црногорската полиција дури ги испратила и регистерските таблички на голем дел од возилата до грчките колеги, неколку немаркирани полициски возила го следеле конвојот, сè додека не влегол во атинската населба Никаја каде што се распрснале за потоа да застанат на однапред договорениот паркинг на бензинска пумпа.
Во моментов трае потрагата по 20-тина загрепски хулигани за кои е потврдено дека влегле во Грција. Сите гранични премини и пристаништа се под надзор. Токму на едно од нив синоќа се уапсени петмина припадници на „Бед Блу Бојс“ кои со брод сакале да отпатуваат кон Италија.
Отакако УЕФА не го исклучи загрепски Динамо од натпреварувањето, се зголемија тензиите, обвинувањата и префрлување на вина преку соопштенијата кои ги лиферуваат во јавноста двата клуба, АЕК и ДИнамо.
На социјалните мрежи, хулиганските групи изразуваат револт од убиството на Кацурис и употребата на ладно оружје, нешто што е најостро забрането во хулиганскиот свет. „Бед Блу Бојс“ тврдат дека нивни членови не се убијците и затоа на социјалните мрежи и навивачките форми постираа слика на мини транспарент со пречкртан нож.
Полицијата во Атина и денеска е на готовс поради натпреварот меѓу Панатинаикос, чии хулигани рамо до рамо учествуваа во нападот на навивачите на АЕК и француски Олимпик Марсеј. Она што загрижува е што токму навивачите, ултрасите и хулиганите на Марсеј се збратимени со АЕК, а во т.н. „Триаголник на братството“ се вклучени и Ливорно од Италија. Трите групи се со левичарската идеологија, а најавено е присуство и на хулигани од Холандија, Германија и Белорусија.
Огнен Чанчаревиќ