Терористички чин на Русија или саботажа на Киев, едно е сигурно уривањето на браната Нова Каховка во јужна Украина предизвика невидена еколошка катастрофа.. Додека Киев и Мисква си ја префрлаат топката , стотици жителите на Херсонската област останаа се без вода, повеќе од 40.000 се во животна опасност.
Населби кои исчезнуваат под водената стихија, ова се снимките од сателит од браната во Херсон, јужна Украина. Само покривите на куќите останаа над надојдената вода, каде голем дел од населението ја мина ноќта. Браната изградена во времето на Советскиот сојуз 1956-тата на реката Дњепар висока е 30 метри и се простирта во должина од 3,2 километри. Покрај 80-сетина населби кои се во ризик, од неа вода црпи и полуостровот Крим, анектиран од Русија во 2014-та, а резервоарот ја снабдува со вода и нуклеарната електрана Запорожје, која исто така е под руска контрола.
Проценките се дека животот на 42.000 луѓе е во опасност, дел се евакуирани, дел, пак кои засолниште најдоја на крошните на дрвјата, се уште чекаат помош.
- Продолжив да седам, надевајќи се дека ќе останам таму. И тогаш водата почна да тече со огромна сила… Па, син ми го смисли ова, зеде чамец од соседот и благодарение на ова се извлековме, вели Свитлана Теленда, жителка на поплавена населба.
- Русите веројатно ја срушија браната без двоумење. Тие се нехумани. Немаат милост, знаете, апсолутно нема друг начин, рече Олександр Сокелин, жител на поплавена населба.
- Не знам што да правам. Како можат да го направат тоа? Добро, војна е, војниците се борат меѓу себе, но да ја кренат хидроелектричната брана во воздух? Не можам да најдам зборови. Тоа е варварски чин, вели Лудмила, жител на Херсон.
Русија активираше „еколошка бомба за масовно уништување“, ова се зборовите на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој предупреди дека стотици илјади луѓе останале без вода за пиење. Руските државни медиуми јавуваат дека најмалку седум лица се исчезнати, а вонредна состојба е прогласена во анектираниот дел на украинската област Херсон.
Украина, вели, ова е терористички чин на Русија, додека Кремљ го обвинува Киев за саботажа- ја срушил браната за да го намали неуспехот на контраофанзивата.
- Сакам да нагласам дека раководството на вооружените сили на Украина отворено изјави дека е подготвено да ја разнесе ова брана, за да се стекне со воена предност уште минатата година, рече Василиј Небензја, руски амбасадор во ОН.
- Ова е терористички чин против украинската критична инфраструктура кој има за цел да предизвика што повеќе цивилни жртви и што е можно повеќе уништување, рече Сергиј Кислица, Украина амбасадор во ОН.
Покрај поплавата, Советот за безбедност и одбрана на Украина информира дека најмалку 150 метрички тони моторно масло се излеале во реката Дњепар и дека постои ризик од понатамошно истекување на повеќе од 300 метрички тони.
Браната, која се наоѓа на реката Дњепар во рамки на хидроцентралата Каховка во Херсонската област, близу Црното море и полуостровот Крим, се смета за стратешко место, бидејќи е копнена врска меѓу Крим и сепаратистичкиот ентитет во Домбас.
Билјана Ставрова