Неколку десетици илјади вечерва по втор пат неделава излегоа на протест во Белград поради двете масовни убиства минатата недела во кои животот го загубија 17 лица. Исто како во понеделникот и денешниот протест помина во мирна атмосфера, во голема тишина, во форма на протестна прошетка од Народното собрание до мостот Газела.
Предолго чекавме, предолго молчевме. Мораме да им застанеме на патот на насилството и злото. За да успееме во тоа, треба самите да се промениме, нашето општество мора да се промени. Тоа нема да биде лесно, но во понеделникот покажавме дека можеме, и дека веќе немаме време за чекање, рече портпаролката на организаторите.
Барањата на демонстрантите се смена на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми, затворање на печатени медиуми и таблоиди кои објавуваат лажни вести, невистини и континуирано го кршат новинарскиот код, одземање на националните фреквенции од телевизиите кои ги залудуваат граѓаните, трујат и промовираат насилство, како што се Пинк и ТВ Хепи и итно укинување на програмите кои промовираат насилство, неморал и агресија на телевизиите со национална фреквенција, како што се реалните шоуа.
Тие што одлучуваат во земјава, тие што имаат апсолутна власт и апсолутна одговорност ни покажаа дека не мислат така. Најдолгите 9 денови и речиси 10 часа не им беа доволно да превземат сѐ што можат за да ги заштитат децата од насилството. Ги одбија барањата на Србија која се обедини против насилството, порача портпаролката на организаторите на протестот.