Жестоки борби се водат во Судан меѓу регуларната војска и паравоената група позната како „Сили за брза поддршка“ (РСФ). Борбите кои почнаа во главниот град Картум и на други места низ земјата се последица на жестоките борби за моќ во воениот врв, пишува „Би-Би-Си“.
Каде се наоѓа Судан?
Судан се наоѓа во североисточна Африка и една е од најголемите земји на континентот. Се протега на површина од 1,9 милиони квадратни километри. Но, исто така, е една од најсиромашните држави во светот. Има 46 милиони жители кои живеат со просечен годишен приход од 750 долари (606 фунти) по глава. Населението на Судан е претежно муслиманско. Официјални јазици во земјата се арапски и англиски, наведува „Би-Би-Си“.
Кој војува во Судан?
Од државниот удар во 2021 година, со Судан владее Совет на генерали предводен од двајца кои се наоѓаат во средиштето на овој конфликт.
Генерал Абдел Фатах ал-Бурхан, шеф на вооружените сили и впрочем претседател на државата, и неговиот заменик и лидер на РСФ, генерал Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти.
Тие не се согласија околу правецот во кој се движи земјата и предложените насоки кон цивилно владеење. Главно недоразбирање меѓу нив е планот за вклучување на 100.000 војници на РСФ во регуларната војска и прашањето кои би бил на чело на новите сили.
Како почнаа борбите во Судан?
Пукотниците почнаа на 15 април, по неколкуте тензични недели, додека припадниците на РСФ беа прераспоредувани низ земјата што војската го протолкува како закана. Постоеја надежи дека ситуацијата може да се реши со дијалог, но тоа не се случи. Спорно е кој го испука првиот куршум, меѓутоа борбите набрзо ескалираа во различни делови на земјата и според податоците на Светската здравствена организација досега загинаа над 400 цивили.
Зошто се вклучени и цивили?
Иако се чини дека борбите се водат за контрола над клучните воени институции, најголем дел, сепак, се водат во урбани подрачја, па жртви станаа цивилите.
Не е прецизно јасно каде се наоѓаат базите на РСФ, но се чини дека нивните борци се преселени во густо населени подрачја.
Суданските воздушни сили изведоа напади врз главниот град во кој живеат над шест милиони луѓе, што доведе до цивилни жртви. Беа најавени неколку прекин на огнот за да се овозможи на луѓето да ги напуштат подрачјата со борбени дејствија, но таквите обиди не се почитуваа.
Кои се Силите за брза поддршка?
Силите за брза поддршка се формирани во 2013 година и влеќчат корени од озлогласената милиција Јанјавед која брутално се бореше против бунтовните во Дарфур, каде беа обвинети за етничко чистење.
Од тогаш, генералот Дагало изглради моќна воена сила која интервенираше во конфликтите во Јемен и во Либија. Исто така, разви и бизнис интереси, вклучувајќи контрола над дел од суданските рудници со злато.
Силите за брза поддршка се обвинети за кршење на човековите права, меѓу кои и за масакр на повеќе од 120 бунтовници во април во 2019 година.
Зошто со Судан управува војската?
Борбите што се водат во моментот се последна епизода во тензиите кои следуваа по соборувањето на долгогодишниот претседател Омар ал-Башир во 2019 година кој, пак, дојде на власт со државен удар во 1989 година.
Дојде до големи улични протести на кои се повикуваше на крај на неговото тридецениско владеење, а војската изведе државен удар за да се ослободи од него. Меѓутоа, цивилите продолжија со кампањите за воведување на демократија.
Тогаш беше воспоставена заедничка воено-цивилна влада која беше соборена во вториот удар во октомври во 2021 година, кога генералот Бурхан ја презеде власта. Од тогаш се засили ривалството мешу него и Дагало.
Рамковниот договор за враќање на власта во рацете на цивилите, беше постигнат во декември лани, но разговорите за финализирање на детали не успеаја. Така, силната група надвор од регуларната војска почна да се смета како извор на нестабилноста во земјата.
Што сакаат завојуваните страни?
Генерал Дагало преку низа твитови напиша дека владата на генералот Бурхан е „радикално исламистичка“ и дека тој и РСФ се бореле за народот на Судан за да обезбедат демократски напредок на државата за што долго тежнееле“.
На многумина им е тешко да поверуваат во тоа, со оглед на бруталностите во минатото на РСФ.
Генерал Бурхан, пак, тврди дека ја поддржува идејата за враќање на цивилната власт, но оти власта ќе ја предаде само на избрана влада.
Постојат сомнежи дека двајцата генерали сакаат да ги задржат своите позиции на моќ, не сакајќи да го загубат богатството и влијанието кои одат со нив.
Што прават другите земји?
Постои стравување дека борбите може да доведат до дополнителни расцепкување на земјата, да ги влошат политичките турбуленции и да ги вовлечат и соседните земји. Дипломатите, кои играа пресудна улога во обидите за поттикнување на враќањето кон цивилна власт, се обидуваа да најдат начин за да ги насочат двајцата генерали на разговори.
Набрзо по почетокот на борбите, регионален блок се нафати да испрати тројца претседатели – од Кенија, од Јужен Судан и од Џибути во Картум, мисија која, сепак, никогаш не се случи.
Европската Унија, Велика Британија и САД повикаа на прекин на огнот и на разговори за решение на кризата, а многу земји сега се фокусирани на извлекување на своите државјани од Судан.