Дваесет и петгодишен маж со секира влегол во градинка и убил три момчиња и едно девојче на возраст од три до седум години во бразилската држава Санта Катарина. Во нападот, повредени се уште четири двегодишни деца, од кои едно потешко.
Напаѓачот го прескокнал ѕидот на приватна градинка и по случаен избор ги избирал своите жртви. Неконторлирано мавтал со секирата додека децата си играле на лулашките.
Бразил е потресен од оваа трагедија, додека медиумите ги пренесуваат сведочењето на учителките, кои избезумено се обидувале да ги заштитат 40 деца, кои во тој момент му се нашле на патот на напаѓачот. Една од нив, раскажува за сцени кои никогаш не замислувала дека ќе ги види во животот. Успела да ги заштити најмладите деца во една просторија и ја држела затворена вратата од внатре, но не мислела дека станува збор за масакр.
„Сите ги ставивме во бањата, ја затворив и ја заклучив главната врата, останав зад вратата каде што повикав полиција, пожарникари. Останавме таму, заклучени, плашејќи се да не ја отвориме вратата. Кога друга наставничка силно ја удри вратата и викаше –помогни ми, децата во паркот! Не мислевме дека е убиство, мислевме дека ги исплашил децата и си заминал. Не мислевме дека може да биде масакр“, изјави Симоне Апаресида, воспитувачка во градинката.
Воспитувачката тврди дека напаѓачот носел и друго оружје, освен секирата, но не прецизираше што точно. Вознемирените родители, панично трчале кон градинката која е во приватна сопственост. Низ солзи и во шок раскажуваат што доживувале.
„Всушност, само најлошото ни падна на ум, не знаевме каде е детето. Вчера играше на игралиштето, дојде дома и рече „Мамо, игравме на игралиште!“ Немам зборови. Олеснување е кога знам дека мојата ќерка, фала му на Бога, е жива, бидејќи можам да ги замислам болките и страдањата на секој родител кој ги загубил своите деца“, рече Валерија Апаресида Камило, мајка на петгодишно девојче.
Напаѓачот сам и се предал на полицијата, на која од претходно и е познат. Пред две години со нож го прободел очувот, а неколку пати е апсен поради препродажба на кокаин. Полицијата се уште не може да го открие мотивот за грозоморното убиство на мали деца. Но, признаваат дека сериозно треба да ги анализираат психолошките профили на криминалците.
„Ќе ги анализираме претходните однесувања на опасните поединци и ќе потврдиме дали можат да го повторат однесувањето, особено оние кои се слободни“, изјави полицискиот началник на Санта Катарина, Улис Габриел.
Нападите во училиштата во Бразил се случуваат сè почесто во изминатите години. Пред овој масакр, минатата недела ученик во Сао Паоло до смрт избоде наставник и рани неколку други. Јавноста е вознемирена и се повеќе бара одговори од владата да изнајде начин да се спречат овие насилства, и децата безбедно да одат на училиште.
Алиса Шакири Шутиноска