Доналд Трамп повторно влезе во американската политичка историја, како прв поранешен претседател на државата против кого е поднесено кривично обвинение. Обвинителите во Њу Јорк подолг временски период вршеа истрага за исплатата на 130 000 долари, кои поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен и ги дал на порно актерката Сторми Даниелс, обидувајќи се да ја замолчи со цел да не открива детали за сексуалната афера со поранешниот американски претседател.
Трамп потоа му ги вратил парите на Коен. Иако исплатата била легална, Трамп наводно ја регистрирал како бизнис трошок а фалсификувањето на трошоците во бизнис зделките е кривично дело во Њу Јорк.
Обвинението, прво по повеќегодишни истраги за неговите бизнис, политички и лични скандали, го става локалниот обвинител од Њу Јорк во центарот на претседателската изборна трка за 2024-тата година, токму во градот кој Трамп долго го нарекуваше својот дом.
Обвинението, кое доаѓа во време на длабоки политички поделби, веројатно само дополнително ќе го зголеми јазот меѓу американските граѓани кои сметаат дека одговорноста е задоцнета и оние кое веруваат дека водечкиот кандидат на Републиканците е цел на политички мотивирани напади, од страна на обвинител од редовите на Демократите.
- Како поранешен обвинител, верувам дека никој не е над законот, дури и поранешниот претседател. Но се прашувам дали не ја отвораме политичката Пандорина кутија. Ако републиканците ја вратат контролата на Белата Куќа, дали и тие ќе ги прогонуваат инвидуите како Хантер, Џо Бајден или Хилари Клинтон? Дали е ова чекор без преседан кој ќе им наштети на нашиот кривичен правосуден систем и демократијата?, вели Нима Рахмани, поранешен федерален обвинител
Дополнително, независно од исходот на долгиот правен процес кој ќе следува во наредниот период, тој нема да има никакви последици врз политичките амбиции на Трамп.
- Правно говорејќи, овој случај нема да има ефект на претседателската трка во 2024-тата година. Ако Трамп победи, ниту еден Претседател не може да биде гонет додека ја врши функцијата и случајот ќе прекине. Но, дури и Трамп да биде осуден пред изборите, овие обвинувања не го дисквалификуваат од правото да ја врши функцијата, вели Рахмани.
Откако американските медиуми ја објавија веста за обвиниението на Трамп, подржувачите на Трамп, излегоа на улиците на Мар А Лаго, домот на Трамп во Флорида, додека неговите противници се собраа во Њу Јорк. Оценките, секако се драматично поинакви.
- Исто како сите работи претходно. Лажно го обвинуваат веќе 6 години. Ужасно е. Ја уништува нашата држава. Ја дели нашата држава. Тој беше, му беа украдени изборите во 2020-тата. Јас целосно верувам во тоа, вели Џорџа МекЏини, локален жител на Флорида
- Ми олесна делумно. Јас се надевам дека ова е почетокот на нешто што навистина ќе сруши, еден многу, многу лош човек кој смета дека е непобедлив а се надеваме дека тоа не е точно.
Неофицијално, Трамп се соочува со повеќе од 20-тина истраги за бизнис проневери, што значи дека ова може да е само почетокот на долгата судска борба пред поранешниот американски претседател.
Никола Илиевски