Вести Свет

Пентагон: Нема индиции дека Русија се подготвува за употреба на нуклеарно оружје

Со најавата за распоредување на нуклеарно тактичко оружје во Белорусија, рускиот претседател повторно го вклучи алармот во светот. Според Путин, со тоа не се прекршуваат договорите за неширање на нуклеарниот арсенал. Таквиот потег го спореди со американското разместување на оружје низ Европа и нагласи оти Москва нема да ја пренесе контролата врз оружјето на Минск.

„Александар Григориевич Лукашенко долго време го поставува прашањето за распоредување на руско тактичко нуклеарно оружје на територијата на Белорусија. И тука нема ништо необично. САД го прават тоа со децении. Тие долго време го поставуваат своето тактичко нуклеарно оружје на територијата на нивните сојузнички земји, земјите на НАТО во Европа“, изјави Путин.

Путин порача дека Русија веќе префрлила мал број на ракетни системи во Белорусија од типот Искандер кои може да се користат за лансирање на нуклеарно оружје. Не прецизира кога ќе биде префрлено и оружјето, освен што откри дека изградбата за складирашта за тактичко нуклеарно оружје во Белорусија ќе заврши до 1 јули.

„Ние не пренесуваме нуклеарно оружје. И САД не пренесуваат нуклеарно оружје на своите сојузници. Ние го правиме она што тие го прават со децении. Стационирање и подготовка на платформи за лансирање во одредени сојузнички земји и ги обучуваме нивните екипажи. Ние ќе го направиме истото. Токму тоа го побара Александар Григориевич Лукашенко“, додаде рускиот претседател.

Министерството за одбрана на САД соопшти дека нема индиции оти Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје. Од Пентагон додаваат дека остануваат посветени на колективната одбрана на НАТО алијансата.

„Ги видовме извештаите за најавата на Русија и продолжуваме да ја следиме ситуацијата. Не забележавме ниту една причина за прилагодување на сопствениот стратешки нуклеарен став, ниту било какви знаци дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје“, се наведува во пишаната изјава на американското Министерство за одбрана.

Со реакција по најавата на Путин се огласи и германското министерство за надворешни работи во која се обвинува рускиот претседател за „нуклеарно заплашување“. Меѓународната организација „Кампања за укинување на нуклеарното оружје“, на планот за префрлување на нуклеарен арсенал во Белорусија, гледа како „многу опасна ескалација“. Официјален Киев, пак, е на став дека Русија ја земала Белорусија како „нуклеарен заложник.

Кремљ за првпат од средината на 90-тите години ќе има нуклеарно оружје надвор од земјата. По распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, нуклеарното беше сместени во четири нови независни држави – Русија, Белорусија, Украина и Казахстан. Пет години подоцна, сите боеви глави беа префрлени во Русија.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Додека трае истрагата за 29 полицајци, Обвинителствп за гонење организиран криминал и корупција не може да ги прими на средба родителите од Кочани

Дејан Дејан

Лефков: Ние веруваме во нашите партнери во ЕУ, не веруваме во интересите на Бугарија

Дејан Дејан

Според Жерновски целата ситуација со Извештајот е аматерска и непотребна

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе