Американскиот претседател Џо Бајден рече дека верува оти одлуката на Меѓународниот кривичен суд да го обвини рускиот претседател Владимир Путин е „оправдана“.
Зборувајќи со новинарите додека ја напушташе Белата куќа за својот дом во Делавер, тој рече дека Путин „очигледно извршил воени злосторства“.
Иако САД не го признаваат судот, Бајден рече дека е „многу силна поента“ да се повика рускиот лидер за неговите постапки со наредбата за инвазија на Украина.
Неговата администрација претходно „формално утврди“ дека Русија извршила воени злосторства за време на конфликтот во Украина, а потпретседателката Камала Харис во февруари рече дека инволвираните „ќе одговараат“.
Налогот за апсење на Путин ги комплицира плановите на кинескиот претседател Шји Џинпинг да се сретне со него во Москва следната недела – ИЦЦ ја издаде потерницата за апсење само неколку часа по објавувањето на патувањето на Шји.
Обединетите нации, исто така, неделава објавија извештај во кој се вели дека руското присилно отстранување на украинските деца во областите под руска контрола претставува воено злосторство. Во вчерашното соопштение ИЦЦ рече дека има разумна основа да верува оти Путин директно ги извршил криминалните дејствија, како и дека работел со други. Исто така, го обвини дека не ги искористил своите претседателски овластувања за да спречи депортирање на децата.
Налог за апсење по истите обвиненија ИЦЦ издаде и за Марија Алексејевна Лвова-Белова, руската комесарка за правата на децата. ИЦЦ неодамна ја покрена првата истрага во врска со војната во Украина, но Русија веднаш кажа дека не ја признава јурисдикцијата на овој суд.