Кошаркарите на ТФТ во последниот настап од годинешното издание на АБА 2 лигата доживеаа пораз од првопласираниата екипа на табелата Хелиос Домжале.
ТФТ за прв пат во клупската историја беше дел од второто по ранг регионално натпреварување, а предводникот на екипата, Боро Смилковски верува дека неговиот тим и следната година може да биде дел од оваа конкуренција.
“Среќни сме што за прв пат во клупската историја бевме дел од едно вакво натпреварување. Научивме многу работи, посебно како треба да се однесуваме во еден повисок степен на натпреварување отколку што игравме до сега. Имавме добри и лоши моменти, но севкупно ова е позитивно искуство и наша цел во следната година повторно да настапиме во АБА 2 лигата и да бидеме редовни учесници и да постигнуваме подобри резултати. Во овој циклус на натпревари дојдовме ослабени, без пет-шест играчи, но јас сум задоволен од постигнатото. Поради намалената ротација во петорката се почувствува замор кај играчите. Пред нас е домашното првенство и за нас е приоритет да освоиме што е можно подобра стартна позиција и повторно да се избориме за настап во АБА 2 лигата”, изјави тренерот на ТФТ, Боро Смилковски
ФОТО: Игор Паневски