Четири малолетни деца на возраст од шест месеци до 5 години загинаа, а нивните родители се тешко повредени во пожар кој избувнал во нивниот стан во Нови Пазар, во Србија. Телата на четирите деца биле пронајдени од страна на пожарникарите, а се претпоставува дека тие се задушиле. Во гасењето на пожарот се обиделе да помогнат и соседите, пред да пристигнат пожарникарите.
Видов пожар, ја отворив вратата и видов двајца момци како трчаат нагоре, а огнот веќе беше во ходникот. Го скршив стаклото и го земав противпожарниот апарат, се качив горе, но толку беше. Дојдоа многу брзо, противпожарната, полицијата и брзата помош, изјавил еден од соседите.
Причините за пожарот сѐ уште се утврдуваат, но од српската полиција соопштија дека тој најверојатно избувнал многу порано отколку што бил пријавен, затоа што кога спасувачите влегле веќе целиот стан бил во пламен.
Иако пожарникарите спасувачи реагираа многу брзо и пристигнаа на лице место, се чини дека пожарот избувнал многу порано од самата пријава, имајќи во предвид дека го затекнале во разгорена фаза, соопштија од спрското Министерство за внатрешни работи.
Српските медиуми пренесуваат дека таткото, кој се обидел да ги спаси децата е во критична состојба со изгореници од втор, трет и четврт степен на над 50 проценти од телото, додека мајката има полесни изгореници на главата и рацете.
Игор Трајков