Вести Свет Топ вести

Насилни протести во Грција по железничката несреќа во која загинаа 46 луѓе

Вработените во грчката железница одржуваат еднодневен штрајк по железничката несреќа во која загинаа 46 лица. Синоќа гневни демонстранти се судрија со полицијата пред седиштето на „Хеленик Трејн“ во Атина, поради што полицијата беше принудена да употреби солзавец и да ги активира специјалните единици за да ги растури демонстрантите, кои превртуваа и палеа контејнери по улиците на грчката пресстолнина на пат кон централниот плоштад Синтагма.

Покрај во Атина протести се одржаа и во Солун и во Лариса, во близина на местото каде што се случи катастрофата во вторникот вечерта.

Грчката влада вети дека истрагата ќе ги открие причините поради кои дошло до несреќата, но јавноста се сомнева во тоа. Синдикатот веднаш обвини дека ваквата несреќа била неизбежна поради запоставувањето на сите досегашни влади на железничката инфраструктура и гневни се затоа што со години предупредувале за тоа.

„Веќе побарав да се формира независна комисија од експерти, која целосно ќе ги исктражи причините за несреќата. Но, исто така ќе ги истражи и долгорочните одлагања на имплементацијата на железничките проекти. Во меѓувреме, правдата ќе биде задоволена, виновниците ќе одговоараат. Државата ќе застане зад семејствата на жртвите“, изјави грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис.

Во меѓувреме, грчката национална телевизија објави аудио запис од дијалогот меѓу скретничарот во станицата и машиновозачот, непосредно пред судирот на двата воза во Темпи. Машиновозачот го прашува дали да сврти, но скретничарот му одговара да остане во дијагоналата, по што се случила кобната несреќа. Скретничарот бил повикан на распит, каде кажал дека го свртел клучот да го пренасочи возот, но увидел дека има проблеми по што повикал помош, но било доцна. Педесет и деветгодишниот скретничар од Лариса е обвинет за убиство од небрежност, и се соочува со доживотна затворска казна.

Бројката за загинати од несреќата се зголеми на 47, но се стравува дека ќе расте, затоа што спасувачките екипи сѐ уште ги пребаруваат смачканите и изгорени вагони.

„Ова е огромна несреќа, без преседан во Грција со многу жртви. Поради големината на вагоните тешко е да бидат поместени. Затоа кранови и специјални машини на спасувачката служба беа повикани уште на почетокот, за да можат да исечат и транспортираат парчиња, за да може да се спроведе истрагата“, изјави Димитриос Накос, претседател на грчката федерација на доброволни организации за цивилна заштита.

Многумина од 350-те патници во авионот биле млади студенти, во 20-те години од животот кои се враќале во Солун по продолжениот празничен викенд.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кармина Бурана во Солун- заедничка изведба на Филхармониите од Скопје и Софија и симфонискиот оркестар од Солун

Дејан Дејан

Студентите повикаа на продолжување на граѓанската непослушност и блокада во Белград

Дејан Дејан

Израел продолжува со нападите во Газа – убиени и повредени повеќе десетици Палестинци

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе