Вести Свет

На Сиријците им се заканува хуманитарна катастрофа по земјотресот

Додека Духа Нур-Алах лежи во болница во Латакија, се присетува на кошмарните пет денови кои ги поминала затрупана под урнатините на незјината зграда. Таа заедно со својот син поминала пет денови во темница и студ, прашувајќи се дали воопшто ќе преживеат. Нејзината ќерка, загинала уште при првиот потрес.

Се разбудив во 4 и 15. Се разбудив порано, тргнав кон влезната врата и ходникот, и само што го направив првиот чекот, почувствував како сѐ е ниша. „Ова е земјотрес“ ѝ реков на ќерка ми, и истрчавме кон ходникот, но целата зграда се сруши. Ќерка ми, Бог да ја прости, веднаш загина, таа веднаш загина, раскажуваше со солзи во очите Нур-Алах.

Болницата Тишрин, во која таа е сместена, примила дури 400 повредени во првите часови по земјотресот. Според лекарите 138 од нив починале, додека 180 биле задржани на лекување. 50 од нив иако се опоравиле, сѐ уште престојуваат во болницата, бидејќи немаат каде да одат. Руваида ал Јасим е една од нив. Таа била извлечена од урнатините заедно со нејзиниот 4ипол месечен син Адам, но во земјотресот го загубила другиот четиригодишен син.

Како се чувствувам? Се чувствувам како во сон од кој не можам да се разбудам. Понекогаш плачам, понекогаш молчам, понекогаш се чувствувам како да сум на друг свет. Воопшто не сум среќна. Се обидувам да бидам силна и се охрабрувам себеси поради мојот син, за да можам да се грижам за него. Што можам друго да направам, вели таа.

До сега е потврдена смртта на над 6.000 лица во Сирија, каде земјотресот дополнително ја влоши веќе очајната состојба на луѓето, поради 12 годишната граѓанска војна. Сиријците, особено во северните делови кои се под контрола на опозициските сили, исламските екстремисти или крудските милиции, беа помирени со страдањата предизвикани од војната. Многумина од нив дури и очекувале дека ќе изгубат некој близок, но земјотресот беше неочекуван.

Во меѓувреме, хуманитарната помош бавно пристигнува, а владата во Дамаск за тоа ги обвинува санкциите кои западните земји ги воведоа против режимот на Асад. Најголем дел од помошта која воопшто пристигна во земјата е од соседните земји, и од Иран и Русија. Но освен неколку конвои под покровителство на ООН преку Турција, Сиријците во северните региони немаат добиено никаква друга помош. ООН тврдат дека постигнале согласност со владата на Асад помош да им биде доставена на сите на кои им е потребна, но опозициските групи не ја прифаќаат, сомневајќи се дека тоа ќе биде сфатено како пропагандна победа за режимот.

Игор Трајков

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

КОД: „Пулс“ во Кочани – дивоградба претворена во кабаре без дозвола и заштита

Дејан Дејан

Доброшинци без вода во летните горештини

Дејан Дејан

Велосипедските патеки од 500 илјади евра ги поделија битолчани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе