Да престане мобингот и заканите кон вработените и доколку има нерегуларности, тие да се докажуваат по законски и правен пат и порачаа програмските уредници на МКЦ на градоначалничката Арсовска. Во врска со обвинувањето на Арсовска дека од благајната на МКЦ биле повлечени над 100.000 евра на кои им се губи трагата, велат дека за сите финансии има соодветна документација која во моментов е заклучена позади бравите за кои само некои луѓе имаат клуч.
„Тоа е само погрешно толкување на благајничкото работење. Тоа не е кеш кој стои некаде во моментов, тоа се благајнички записи на уплати на дневен промет кој го прави угостителската дејност во МКЦ во износ од грубо 95 илјади евра, значи сме оствариле приход преку шанковите , кои преку благајна се уплаќаат на сметката на МКЦ, Значи тоа е патот благајнички како тоа функционира, а 5000 евра се средства кои во 365 дена МКЦ ги потрошило на се она за кое што има фискална сметка и за сето тоа има и документација и фискални сметки, патарини, патни налози и се што треба“, изјави Русе Арсов, програмски раководител на драмска програма при МКЦ.
На незавршена ревизија, градоначалничката кажа дека се утврдени повеќе неправилности кои биле клучни за одлуката, Богоев да биде сменет. Тој склучил повеќе од 250 договори за ангажирање лица спротивно на закон. Над 90 се за шанкери на кои им било исплаќано од 300 до 750 евра месечно, рече Арсовска. За сите тие има договор и евиденција, велат од МКЦ.
„Малициозни се изјавите да се потцени трудот на овие драгоцени млади луѓе во градов кои што се уште се трудат чесно да си ја заработат својата дневница. Понекогаш и по 12 часа и на фестивали кои опслужуваат и до 1.000, преку 2.000 луѓе“, изјави Филип Николовски, програмски уредник во МКЦ.
Според вработените во МКЦ, спротивно на ставот на Арсовска, буџетот за оваа година кој е скратен, без сомнеж ќе има реперкусии врз програмата.Системскиот проблем на партиско и некомпетентно вработување и назначување е нашиот најголем противник, велат од МКЦ. И при тоа нема да дозволат некој да ги дискредитира и оцрнува нивните имиња и префесионален интегритет.
Нина Стефанова