Заложбите за борбата против корупцијата нашиот политички естаблишмент ги прави најчесто кога ќе биде притиснат од меѓунардниот фактор или од евроатлантските интегративни процеси и тогаш декларативно се објавува борба против корупцијата, ветингот и ред други работи само за да се стекне впечаток дека нешто се работи и испорачува, рече во вечерашната Топ Тема, адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ.
Тој оцени дека заложбите за наводен ветинг се предимензионирани.
„Никој не кажал, како и на кој начин тоа ќе се спроведе. Кои механизми ќе бидат примените тоа да се спроведе. Јас лично сум против, затоа што сметам дека во овој момент имаме инструменти и надлежни органи и институции кои може да ја испитаат професионалноста на судиите и јавните обвинители. Тоа се Судскиот совет и Советот на јавните обвинители а во делот на имотот, начинот на стекнување на имот ја имаме антикорупциската комисија.“ –изјави Туфегџиќ.
Адвокатот и поранешен државен секретар во министерството за правда, Виктор Цветковски изјави дека треба на многу работи да се внимава при спроведување на ветингот.
„Може да кажеме дека дава одреден резултат. Но, за да дојдеме до ветингот треба многу работи да промениме. Ако дозволиме ветингот да биде политизиран, тогаш повторно нема да имаме резултат. Ние во моментот имаме ресурси, капацитети, законска поставеност и надлежни органи, но повторно тука имаме проблем со политизираноста. Се додека политичкото влијание е присутно на високо ниво и не разбереме дека судската власт треба да биде независна, ни ветингот, ни која било друга законска измена нема да ни помогне“ – изјави Цветковски.