Треба да се почне од она што го имаме, а имаме одредени мерења и потребна е стратегија како да го намалиме загадувањето во граници на нормала во наредните 10 години, смета Невена Георгиевска од „О2 иницијатива“ во Општина Карпош.
„Кој помалку, а кој повеќе загадува, може да се утврдува понатаму со овие мерни инструменти, ако мрежата се надоградува. Меѓутоа, според податоците што ги имаме ние од две мерења, дел од загадувањето отпаѓа на согорување на био маса. Не се само домаќинствата. Има и индустрија, има и јавни институции кои се затоплуваат на нафта, на мазут и на ред други работи. Во насока на тоа треба да се направи еден план кој ќе биде стратегија и ќе знаеме, да речеме, на одреден период до каде сме со таа стратегија“, вели Георгиевска.
Таа нагласи дека се потребни многу средства за да се премине на други начини на затоплување, фотоволтаици, термални пумпи и за домовите, и за индустријата и за институциите.
„Индустријата што нема технички можности да премине на гас, едноставно не треба да работи. Да се даде одредена забрана од година-две за пренамена и на технолошкиот процес и на поеколошки начин на греење. Ако не можат тоа да го извршат, едноставно да се бараат нова локација, бидејќи во градов со толку население и со таква географска положба, не можеме да си дозволиме индустрија“, истакна Георгиевска.