Битола е на врвот од градовите во државата по бројот на регистрирани заболени од сезонски грип, кој не само што ги полни амбулантите, туку во битолската Болница има и над 130 пациенти на болничко лекување кои се во потешка состојба.
Инфективното одделение е затворено поради недостиг на специјалистички кадар, работи само амбулантата, поради што товарот го понесе Одделот за интерна медицина кој поради ваквата состјба го зголеми капацитетот.
„Поради зголемениот број односно наплив на пациенти со тешки вирусни инфекции, Интерното одделение привремено се проширува во Одделот за физикална медицина, обезбедена е 24 часовна смена и работиме со полн капацитет. Во моментот имаме околу 65 истории на дневна амбуланта и 70 лежечки, односно хоспитални болни“ – вели др. Елизабета Ивановска, пулмолог во Клиничка болница Битола.
КОВИД-19 е потврден кај мал број од пациентите, кај повеќето тешките пневмонии се предизвикани од вирусот на грип.
Хоспитализираните се на возраст над 50 години, но има и помлада популација. „На приемот сите пациенти ги тестираме со брзи тестови, многу малку се КОВИД, 80 проценти се докажани на вирусот на инфлуенца. Симптомите се скоро исти, кашлица, тешко дишење, карактеристична е висока температура, фебрилни се со температура 39-40 степени, кашлица која трае подолго време, бронхопневмонии и бронхитични наоди имаат сите пациенти“ вели др. Ивановска.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здрваје, минатат недела се регистрирани за 26 проценти повеќе заболени во однос на претходната, со што вкупнo има повеќе од 1700 заразени од грип во државата.
Најмногу заболени после Битола има во Скопје, Кавадарци, Дебар и Гостивар. Од Комисијата за заразни болести велат дека сезоната на грип само што почна, очекувано е бројките да растат, но нема простор за згриженост.
„Точно е во болниците, особено во детските, има поголем притисок, симптомите се карактеристични за грип. Но ретко има компликации. Имаме еден починат, лице над 65 години, со коморбидитети, невакциниран, но не гледам дека имаме критична ситуација во однос на грипот и дека треба да се плашиме за следните недели“ вели проф. Др. Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.
Петличковски вели дека вакцинацијата против грип е најдобрата превентивна мерка, а оваа сезона можноста да се вакцинираат против сезонски грип ја искористија само 57 илјади граѓани.
Емилија Мисирлиевски