Вести Македонија Најважни

ЈО кривично ќе ги гони четворицата полицајци за противзаконито ослободување на затвореникот Беким Мемети

Четворица затворски полицајци кривично ќе одговараат за противзаконско ослободување на затвореник, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Кривичното дело било сторено по претходни насоки на првоосомничениот – командир на надворешно обезбедување , кое го реализирале уште тројца затворски полицајци.

Обивинителството побарало а судот одобрил и притвор од 8 дена за тројцата полицајци и мерки за претпазливост за четвртиот осомничен.

Во продолжение го пренесуваме соопштението од Јавното обвинителство:

Осомничените, по претходни насоки на првоосомничениот- командир, како службени лица, со умисла, преземајќи и непреземајќи дејствијата што биле должни да ги преземат му помогнале и му овозможиле на осуденикот Беким Мемети да избега. Притоа ги повредиле сите процедури за спровод на осуденик кој издржува затворска казна за потешко кривично дело до здравствена установа. Па така, откако осуденикот се самоповредил расекувајќи ја левата дланка и бил преврзан во домската амбуланта, не побарале лекарска интервенција од брзата помош, за да се утврди дали повредите може да се санираат на лице место, туку по препорака на осудено лице, работно ангажирано во амбулантата, пристапиле кон дејствија самоиницијативно да го однесат повредениот во Ургентен центар. Иако процедурите налагаат доколку осуденикот треба да се третира во здравствена установа, затворската служба да побара асистенција од Министерството за внатрешни работи и возилото за спровод на осуденикот да биде придружувано од полициска патрола, тие не го сториле тоа што претходно било случај кога истото осудено лице било спроведувано до одредена здравствена установа.

Како што е веќе познато, осудениот Беким Мемети откако на ден 12.01.2023 година во ноќните часови се самоповредил, првоосомничениот – дежурен командир наредил кои затворски полицајци треба да го спроведат осуденикот во здравствена установа и кој каде да седи при спроводот. Па така, надвор од правилата, осуденикот бил сместен во средишниот дел на возилото. Второосомничениот дал насока за рутата и возилото се упатило кон Скопје преку автопатот од Петровец кон Скопје. Кога се приближиле до бензинска пумпа на Лукоил, второосомничениот кој седел помеѓу осуденикот и третоосомничениот, започнал да се преместува и свесно му овозможил на осуденикот да го искористи моментот и со лисици на рацете да успее да му го земе службениот пиштол од закопчаната футрола. Третоосомничениот, кој патем бил без оружје, иако сето тоа го следел не презел никакво дејствие за да го спречи осуденикот да го репетира пиштолот и да започне да пука низ возилото барајќи да го сопрат возилото, при што го повредил возачот и возилото застанало, а осуденикот ја отворил вратата, излегол од комбето и се качил во сиво Ауди кое во меѓувреме застанало пред затворското комбе.

Предметниот обвинител заради непречено водење на кривичната постапка, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи на тројца осомничени да им биде определена мерка притвор, додека на четвртоосомничениот да му бидат изречени мерки за обезбедување. Судијата го прифати предлогот на обвинителството и на осомничените со решение им определи мерка притвор во траење од 8 дена, а на четвртоосомничениот му изрече мерки на претпазливост забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница.

Обвинителството продолжува да ги истражува причините и мотивите кои доведоа до овој кривично правен настан“.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Затвор и камшикување за корисниците, Иран го забранува Старлинк

Дејан Дејан

Можни високи казни по Парада на гордоста во Будимпешта

Дејан Дејан

16 хорски состави се претставија на овогодинешниот 34-ти по ред фестивал Тетовски хорски одѕиви

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе