Средната годишна концентрација на ПМ2,5 честички во Скопје, за волја на вистината, опаѓаат од 50,7 микрограми на метар кубен воздух за веќе во 2022 година да имаме 22.51, истакна доцент докторка Мирјана Димовска од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
„Имаме намалување за повеќе од половина и моментно сме под граничната вредност на европската директива, односно 25 микрограми од загадувачка супстанца. Но, не сме задоволни со темпото на намалување. Со микрограм, два или три на годишно ниво, ќе ни треба долг временски период. Ако ни требале десетина години да се сведеме на 50 отсто, имајте во предвид дека граничната вредност набрзо ќе биде спуштена, бидејќи во моментот се ажурира европската директива. Многу поразумните системи од нас, тежнеат да ги стигнат граничните вредности на Светската здравствена организација“, вели Димовска.
Едно истражување од пред седум-осум години вели дека децата во Скопје, поради аерозагадувањето, имаат 20 до 30 отсто помал капацитет на белите дробови во споредба со врсниците од другите делови на државата.
„Во контекст на тој податок, се однесува не само во контекст на намалување на белодробните капацитети, туку при долготрајна изложеност е намален и развојот на белите дробови“, дополни Димовска.