Европскиот парламент (ЕП) ја разреши Ева Каили од функцијата потпретседателка поради наводна вмешаност во корупција, пренесува „Ројтерс“.
Ева Каили, една од 14-те потпретседател(к)и на ЕП, е меѓу четирите уапсени и осомничени лица во Белгија поради скандалот што предизвика гнев во Брисел и ризикува да го наруши угледот на Европската Унија.
„Ројтерс“ наведува дека тој случај, во кој полицијата откри голема сума на пари во кеш, фрла сенка врз ЕП кој настојува да биде морален компас.
За смена на Каили гласаа 625 пратеници, еден беше против, а двајца воздржани.
Белгискиот портал Кнак пренесува дека федералното Обвинителство од јули истражува можна корупција во ЕП.
Медиумот наведува дека од неколку добро информирани извори дознале дека станува збор за Катар и дека се води истрага дали земјата домаќин на Светското фудбалско првенство се обидела да влијае на позициите во ЕП на начин кој надминува класично лобирање. Таквите наводи беа негирани од Катар, заклучува „Ројтерс“.